Тим од македонската редакција на Радио Слободна Европа го формираше „Колегиум.мк“


 

Ден по официјалното затворање на македонската редакција на Радио Слободна Европа во македонскиот јавен простор се појави нов медиум „Колегиум.мк“ кој е составен од новинари на згаснатиот сервис.

Во најавата за лансирањето на новиот медиум редакцијата вели дека „Колегиум“ е место на дијалог, на аргументи и на различни мислења. „Редакциски простор во кој новинарството се создава преку знаење, проверка и колегијална одговорност. И простор во кој фактите се поважни од мислењата, прашањата се поважни од готовите одговори, а вистината е најважна од сè“. Притоа редакцијата најавува дека ќе понуди иновативен пристап во информирањето.

Веста за згаснувањето на редакцијата на македонски јазик беше објавена на 24 март од претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус. Затворањето беше закажано за 31 март. „Сегашната буџетска состојба на Радио Слободна Европа нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме нашите ресурси. Оваа одлука е донесена со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови и за стандардот на извонредност што го одржувале“, објави Капус на социјалната мрежа Икс.

На крајот на февруари Стивен Капус речиси со истите зборови го најави затворањето и на канцелариите на Радио Слободна Европа/Радио Либерти во Бугарија и Романија, исто така на 31 март поради намалување на буџетот. Во ист ден беше затворен и сервисот на паштунски јазик Радио Машал. Прекинувањето на работата на овие четири сервиси е последица на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата одлука пред една година да потпише извршна наредба со која се суспендира финансирањето за Агенцијата на САД за глобални медиуми, а со тоа и државните средства за Гласот на Америка, како и средствата за Радио Слободна Европа и Радио Слободна Азија.