Тимоние: Побрзо да се избере шеф на државата, тоа ќе значи нејзино приближување кон ЕУ
Се информирав и за начинот на кој беа спроведени изборите. Забележав дека излезноста била доста висока во Кавадарци. Тоа е доказ за демократската зрелост во Кавадарци. Но, и за желбата што побрзо да се избере шеф на државата. И нам ни е потребно тоа, бидејќи тоа ќе значи приближување кон Европската Унија. Затоа што ќе ни биде потребен кредибилен соговорник, што е многу важно во целиот овој транзициски период, што е многу важен за вашата земја. Вие треба да го изберете, а ние ќе си ја вршиме нашата работа. Но, потребна ни е држава што функционира. Затоа, обидете се да ни го дадете тој знак, тој сигнал и убаво размислете претстојниве две седмици што се пред вас, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, денеска во Кавадарци.
-Секогаш сум среќен кога доаѓам во Кавадарци. Затоа што ова е град во кој работите добро напредуваат. Градоначалникот ме извести за сите градежни зафати што се прават во општината. Разговаравме и за можностите што ќе ги нуди Француската агенција за развој со делувањето во Македонија. Ја искористивме приликата за време на нашиот состанок да поразговараме за образовните теми и за изучувањето на францускиот јазик, рече амбасадорот во изјава за медиумите.
Тимоние нагласи дека ги чекаат сите убави идеи што ќе можат да добијат француска поддршка. На располагање стојат и амбасадата и Францускиот институт, за да се поддржат сите добри идеи.
Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев, рече дека францускиот амбасадор е пријател на Општина Кавадарци.
-Разговаравме на повеќе теми, општински, економски, во делот на образованието… Амбасадорот се интересираше и за историско културното наследство. Ќе посетиме повеќе објекти, меѓу кои и Спомен костурницата, уникатен објект во пошироки рамки и значаен не само за Кавадарци, туку и пошироко, нагласи Јанчев по средбата во неговиот кабинет.
Тој потсети дека француската Влада веќе има најава за фондови надвор од Република Франција. За прв пат го вклучува и Балканот.
-Нашата држава ќе може да аплицира за тие фондови, следствено на тоа и Кавадарци. Се работи за фондови за туризам, заштита на животна средина, гасификација, развивање на винарство, економија. Веќе има најави, а од септември ќе следат и поофицијални информации, додаде градоначалникот.