TikTok избриша над половина милион видеа поврзани со војната на Блискиот Исток
ТикТок објави дека отстранил повеќе од 500.000 видеа и затворил 8.000 преноси во живо поврзани со конфликтот Израел-Хамас, неколку дена откако ЕУ предупреди дека има обврска да се бори против нелегалната содржина.
„Од 7 октомври отстранивме повеќе од 500.000 видеа и суспендиравме 8.000 преноси во живо во погодениот регион поради прекршување на нашите правила“, објави TikTok на својот блог вчера, додавајќи дека ги засилил своите тимови за контрола на содржината, кои сега се повеќе од 40.000 луѓе.
Додаваат дека соработуваат со организации за проверка на факти, вклучувајќи ја и новинската агенција АФП, на повеќе од 50 јазици и дека има вработено неколку модератори кои зборуваат арапски и хебрејски.
Европскиот комесар за дигитален развој испрати писмо до првиот човек на TikTok
Брисел во четвртокот ја предупреди кинеската социјална мрежа, која е популарна кај младите, дека има обврска да се бори против нелегалната содржина и лажните информации според Европскиот закон за дигитални услуги (DSA).
Писмото до шефот на TikTok го испрати европскиот комесар за дигитален развој, Тиери Бретон. Бретон издаде слични предупредувања до Мета, Платформа Х (поранешен Твитер) и Јутјуб.
Отворена истрага од Брисел во врска со објавите на Х
Некои веќе ѝ одговорија на Комисијата, вклучувајќи ги Мета и Х. Поранешниот Твитер одговори дека отстранил или означил „десетици илјади пораки“, но Брисел оцени дека тоа е недоволно и отвори подетална истрага, изјави денеска Бретон.
Фирмата за мониторинг Visibrain идентификуваше 166 милиони пораки поврзани со конфликтот во Појасот Газа од 7 октомври на Twitter, Facebook, Instagram, YouTube и TikTok.
Тоа е 47 отсто повеќе од пораките објавени за Светското првенство во 2022 година.