„Тетекс“ прв реагира на корона кризата – ја преполови дивидендата, а ја зголеми нераспределената добивка


Акционерите на „Тетекс“ ќе добијат двојно помала дивиденда од првично предвидената, стои во предлог-одлуката на Одборот на директори до акционерите на компанијата. Причината е кризата со корона вирусот, влијанието врз економијата и препораките на Владата.

„Износот што се исплатува во вид на дивиденда на иматели на акции се намалува од 29.912.672 денари на 15.186.408 денари, а износот на нераспределената добивка се зголемува од 765.445 денари на 15.491.709 денари“, се вели во одлуката на Одборот на директор.

Така, поради овие промени висината на бруто дивидендата по акција ќе изнесува 1,18 отсто од номиналната вредност, односно 36,667 денари бруто по акција.

Во соопштението испратено до Македонската берза се вели дека причината за ваквата промена е заради прогласувањето на пандемија од страна на Светската здравствена организација за нов вид вирус Ковид 19, како и во контекст на одлуката на Владата за вонредна состојба, битно се изменија условите на работење на економските субјекти во државата и воедно на Тетекс АД Тетово.

Поради тоа и Одборот на директори во согласност со сите уредби со законска сила, одлуки и препораки на Владата донесе Одлука за измена на одлуката за распоред на добивка по завршна сметка за 2019 година и нејзината употреба“, се вели во соопштението до Берзата.

Одлуката треба да биде потврдена од Собранието на акционери што ќе се одржи на 7 април. (Н.В.)