Тестирањето на онлајн платформата за настава продолжува


На националната платформа за онлајн-настава вчера биле најавени над 88.000 активни корисници кои, како што информира Министетството за образование и наука, придонеле за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од нејзино оптоварување  во оваа фаза од имплементацијата.

-Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери (Серверите за базите со податоци (database servers); Серверите за балансирање на оптоварување (load balancer), и Серверите за опслужување на корисниците (web servers)). Процесот на тестирање продолжува и во текот на денешниот ден, а интензивно ќе се одвива и во наредните денови, соопшти МОН.

Министерството наведува дека поради тестирањето можно е  повремено да се добива порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање.

– Овој процес ќе помогне не само за успешно ставање на Платформата во функција, туку и ќе поддржи изградба на интероперабилност помеѓу различните системи во рамки на Министерството за образование и наука, во насока на ефективно следење на секој ученик во текот на целокупниот процес на негово образование.Нашата крајна цел е не само да овозможиме континуитет на образовниот процес во вонредни околности, како што е тековниот со пандемијата со КОВИД-19, туку да создадеме солидни темели за понатамошно унапредување на квалитетот на целокупниот образовен процес во земјата, посочува МОН.

Министерството повикува  учениците и наставниците да продолжат со поврзување на Националната платформа за учење на далечина и во наредните денови, и редовно да ги следат новите содржини што се поставуваат на главната страница (www.schools.mk).