Теснецот Дарданели привремено затворен поради шумски пожари

Сообраќајот низ Дарданелскиот теснец, меѓународната поморска рута што го поврзува Егејското Море со Мраморното Море, е привремено прекинат поради шумските пожари што беснеат во северозападниот дел на Турција, објави Министерството за транспорт на оваа земја.
Затворањето на овој воден пат следеше како превентивна мерка, бидејќи пожарот се приближуваше до градот Чанаккале, каде што беа евакуирани неколку жители, објави Би-Би-Си.
Противпожарни екипи се распоредени на терен, додека специјализирани авиони и хеликоптери се користат за гаснење на пожарот, а силниот ветер и високите температури придонесуваат за ширење на пожарот, според локалните власти. Главниот аеродром во Чанаккале е затворен за патнички летови, но противпожарните и спасувачките авиони сè уште летаат од тој аеродром.
Дарданелите и Босфорот формираат поморски коридор за трговија меѓу Европа и Азија, а минатата година речиси 46.000 бродови поминале низ оваа рута, според официјалните податоци.