„Тесла“ најавува помал „Сајбертрак“ за Европа

Иако „Тесла“ ги отфрли плановите за намалување на големината на „Сајбертрак“, Елон Маск сега вели дека производителот на автомобили „многу веројатно“ ќе направи помала верзија на електричниот пикап за Европа.

Помал „Сајбертрак“

Набрзо откако го промовираше прототипот на „Сајбертрак“ минатата година Маск почна да зборува за правење помал електричен пикап кој ќе може да се смести во обична гаража.

Претходно оваа година, Маск даде неколку коментари во врска со „Tesla Cybertruck“ и како ќе се смени кога ќе влезе во редовно производство.

Тој зборуваше за тоа како сопствениците ќе треба да го обвиткаат електричниот пикап за да добијат различни бои и рече дека „Тесла“ ја ажурира адаптивната воздушна суспензија на „Сајбертрак“.

Извршниот директор беше запрашан каква е најголемата промена на „Сајбертрак“ во однос на прототипот и тој одговори дека „Тесла“ ќе ја намали големината за околу 3 проценти и ќе направи измени на средишната линија и ќе ја спушти висината на прагот на прозорецот.

Во мај, Маск го напушти планот да го направи електричниот камионет помал откако го прегледа дизајнот со неговиот главен дизајнер.

„Минатата вечер го разгледав дизајнот (Cybertruck) со Франц. Дури и 3 отсто помал е премногу мал. Многу веројатно ќе биде оваа големина (се однесува на прототипот)“, напиша тој на Твитер.

Прототипот што го промовира „Тесла“ е долг 231,7 инчи, широк 79,8 инчи и висок 75 инчи, со агол на пристап до 35 степени, агол на поаѓање од 28 степени и до 16 инчи од земјата, пишува порталот „Електрек“.

Сличен е со диманзиите на некои од поголемите верзии на „Форд Ф-150“, како оној на фотографијата до прототипот на „Тесла Сајбертрак“.

Сепак, тој не ја затвори вратата за правење помала верзија во иднина – само што не го направи првиот „Сајбертрак“ помал од прототипот.

Сега на Твитер извршниот директор вели дека е „многу веројатно“ „Тесла“ да направи помала верзија за Европа, но не понуди можна временска рамка кога тоа би се реализирало.

„Тесла“ во моментов планира да почне со производство на електричниот пикап-камионет во „Гигафактори“ во Остин кон крајот на 2021 година.

Пикап-камионетите во Европа

Пикап-камионетите не „фатија корени“ во Европа како што тоа е во Северна Америка поради неколку причини, но главно се должи на построгите регулативи за емисија и нивната големина.

Едната причина нема да биде проблем за „Сајбертрак“ бидејќи е возило со нула емисија штетни гасови, но другата навистина може да биде проблем.

Додека повеќето европски пазари ги модернизираат своите патишта, многу големи градови сè уште се дизајнирани за помали покомпактни возила и таму пикап возилата тешко ќе може да маневрираат.

Тоа ги направи потесните комбиња за работа попопуларни како работни возила во многу европски градови.

Како и да е, пикап-камионетите добија одредена популарност последниве години, а аналитичарите предвидуваа околу 200.000 продажби во Европа во 2020 година пред пандемијата.

Ова е пристоен пазар, но не е ништо во споредба со повеќе од 3 милиони пикапи што Американците ги купиле само минатата година.