Франција се соочува со намалување на кредитниот рејтинг поради политичките поделби и буџетскиот дефицит


Њујорк – Агенцијата „Стандард и Пурс“ ги намали проценките за кредитниот рејтинг на Франција од „стабилен“ на „негативен“, наведувајќи ги како причини високиот буџетски дефицит и длабоките политички поделби во земјата.

Овој потег отвора можност за намалување на државниот кредитен рејтинг на Франција, кој во моментов е А+, пренесува ДПА.

Намалувањето на рејтингот може да ги зголеми трошоците за задолжување на Франција, втората по големина економија во еврозоната. Јавниот долг на земјата, во однос на Бруто доамшниот производ (БДП), е речиси двојно поголем од оној на Германија, а трошоците за задолжување значително пораснаа.

– Негативните изгледи за Франција го одразуваат зголемувањето на државниот долг во услови на слаби перспективи за економски раст и недоволен политички консензус за справување со високиот буџетски дефицит, соопшти „Стандард и Пурс“.

Агенцијата предупреди дека политичката поларизација може да продолжи и по претседателските избори во 2027 година, што би ги отежнало напорите за намалување на дефицитот и усвојување реформи неопходни за поттикнување на економскиот раст и стабилизирање на односот меѓу јавниот долг и БДП.

„Стандард и Пурс“ наведува дека може да го намали кредитниот рејтинг на Франција доколку буџетските дефицити не се намалат значително во следните две години или доколку економскиот раст подолг период биде послаб од прогнозираниот.

Приносот на десетгодишните француски државни обврзници во октомври накратко надмина 5,1 отсто, достигнувајќи највисоко ниво во последните 24 години, пред да се намали на околу 4,7 отсто.

Рејтингот А+ е петти највисок во скалата на „Стандард и Пурс“ и се наоѓа шест нивоа над шпекулативниот рејтинг, познат и како „ѓубре“ рејтинг.