Терор во Израел: Маскирани израелски доселеници претепаа 67- годишен глув Палестинец
Безбедносните камери сними нападот во селото Деир Шараф, каде што група мажи, претежно облечени во црно, го удираа и клоцаа 67-годишниот Басим Салех Јасин откако падна на земја, објави Скај њуз.
Сведоци изјавија за Асошиетед Прес дека другите работници во расадникот избегале кога ги виделе доселениците како се приближуваат. Сепак, 67-годишниот Јасин е глув и не можел да ги чуе предупредувањата за да се тргне од патот.
Видеото го прикажува Јасин како се обидува да избега од напаѓачите пред да падне. Додека клекнува, еден човек го клоца, а друг постојано го удира со предмет сличен на палка. Потоа Јасин ги потпира рацете на земја, и додека напаѓачите се оддалечуваат, двајца од нив го клоцаат во ногата, а трет го клоца по главата. Конечно, уште двајца му се приближуваат и го тепаат со палки додека повторно не падне.
Сведоците известуваат дека Јасин бил хоспитализиран со скршени коски на раката и повреди на лицето, градите и грбот. Тие додадоа дека четири автомобили биле запалени и уништени во нападот врз расадникот.
Ова е најновиот во низата инциденти во услови на растечко насилство од страна на израелските доселеници на Западниот Брег. Нападите се интензивираа за време на сезоната на берба на маслинки во октомври и почетокот на ноември минатата година и продолжуваат оттогаш.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги нарече сторителите „грст екстремисти“ и ги повика органите за спроведување на законот да ги гонат за „обид да го земат законот во свои раце“. Од друга страна, организациите за човекови права и Палестинците тврдат дека проблемот е многу поширок и дека нападите станале секојдневна појава на целата територија.
Израелската армија соопшти дека испратила војници на местото на настанот по извештаите за десетици маскирани Израелци кои вандализирале имот. Тие велат дека Израелците запалиле палестински возила и нападнале еден Палестинец во едно од нив. Две лица биле префрлени во болница на медицински третман.
Армијата потврди дека уапсила тројца осомничени кои се предадени на полицијата за понатамошно испрашување. Во соопштението за медиумите се вели: „Безбедносните сили го осудуваат насилството од секаков вид“, но досега не се обидуваа да го спречат.