Тераса

Кој има двор, не ужива во него, кој нема двор, вели умира во стан, кој има балкон, сонува за тераса, а тие со тераса ретко ве канат на кафе!


Од симбол на ќеф, кафе и дружење стана симбол на будење, ослободување и дистанцирање, тука или во светот, не е важно.

Домот за некого беше спас, за некого бегство, терасата за некого значи враќање на нормала, а за некого привид кој не вади од дома, но не и од реалноста.

Сега, во првиот месец на пролетта, сеир терасата  ја замени најомразената корона-тераса.

Еден до друг, а не сте блиски, седите тука, а сонувате за далечно егзотично место, сеирските муабети добиваат сериозен призвук, ретко кој се фали со ова или она, сите кукаат за трошоци, загуби, криза и војна.

Очилата за сонце и мобилките пак се во прв план, се уште пиете кафе покрај средство за дезинфекција, полека ги симнуваме маските, и оние кои здравје значат, и оние кои живот значат.

Некогаш ќе ве пече сонце, некогаш ќе ви пристудува, ќе ве фати дожд или ветер ќе ви ги мрси косите, ама „слободата“ има цена.

Како гости ќе бидете тивки или галамџии, музиката ќе си остане гласна, ретко ќе дослушувате што ќе ви зборуваат, ама што е важно, на тераса сте!

Така е во животот, своето не си го цениме, туѓото ни е секогаш поубаво!

Кој има двор, не ужива во него, кој нема двор, вели умира во стан, кој има балкон, сонува за тераса, а тие со тераса ретко ве канат на кафе!

Терасата никого не може да направи господин и дама, ниту да ве скрие од туѓи погледи, тука се е ачик, од однесување, до зборување, мислење и филозофирање.

Време е да ја оставиме долгата и тажната зима зад нас, време е за нови почетоци, нова надеж, и среќни моменти .

Време е за пролетно будење и кафе послужено на тераса. Сте заслужиле!