Тензично во албанскиот Парламент, навреди, турканици, запалени столчиња


 Денешната попладневна седница на албанскиот парламент траеше само 15-тина минути, поради хаосот што го предизвикаа опозициските демократски пратеници, па претседателката Елиса Спиропали мораше да ја прекине.

Тензичната ситуација почна на самиот почеток кога Спиропали побара да му се одземе мандатот и од Централната изборна комисија да се побара замена за пратеникот Ервин Салињани, кој во моментот е на издржување затворска казна.

Веднаш потоа демократските пратеници ја блокираа собраниската говорница, фрлаа со разнк предмети кон Спиропали, упатуваа навреди, дури и кон обезбедувањето, во што предничеше Фљамур Нока, инаку и генерален секретар на партијата, кој сакаше физички да се пресмета со социјалистот Петро Кочи. 

Демократите ги извадоа столчињата на кои седат во салата, пред собраниската зграда, ги полеаја со бензин и ги запалија.

– Сцената прикажана на денешната пленарна седница, со блокирана говорница и запалени столчиња, ќе биде таа што секојдневно ќе го придружува Собранието. Техничката влада е решението Албанија да оди напред и да спроведе  слободни избори, изјави Нока по седницата.

Ваква тензична атмосфера во албанскиот законодавен дом не се новина. Претходно речиси цела година седниците беа прекинувани по само десеттина минути од почетокот и во хаос изгласувани документи само со гласовите на владејачкото мнозинство.