Тенкови „Леопарди“ и „Апачи“ хеликоптери ќе вежбаат на Криволак

Тенкови Леопард 2А6, хеликоптери Апачи AH-64, Хамви возила, JLTV оклопни возила и разна друга опрема и средства ќе бидат користени на воениот полигон Криволак, во рамките на вежбата во која ќе учествуваат над 2000 воен персонал од 7 земји членки на НАТО и две партнерски земји. Македонија ќе биде домаќин на воената вежба “Immediate Response 2025“ или „Брз одговор“ која ќе се одржи од 26-ти мај до 9-ти јуни.
Македонија ќе учествува со 950 припадници на Армијата, односно лесниот пешадиски баталјон, Воздухопловниот ВИНГ и Логистичка база. Ќе учествуваат и контигенти од САД, поточно Националната гарда на Вермонт со 710 припадници, потоа контигенти од Албанија (30), Грција (50), Италија (30), Црна Гора (185), Обединетото Кралство (2 учесници, набљудувачи или супервизори), како и партнерските земји Австрија (70) и Косово (150).
Освен тенкови Леопард, кои според информациите ќе ги има 4+1, односно четири борбени тенкови и еден за извлекување и два хеликоптери Апачи, во вежбата ќе бидат вклучени американските транспортни медицински хеликоптери „HH-60”, попознати како „Црн Јастреб“, потоа транспортен хеликоптер „МИ 8/17“, инжинерско возило „Хаски“, а ќе се употребуваат минофрлачи.
Вежбата е практично демонстрирање на безбедносните способности и зајакнување на сајбер-одбраната, преку реализација на мултинационални боеви гаѓања, сајбер вежба, премин преку река и АБХО вежби.Вежбата е дел од серијалот вежби „Defender 25” кои редовно се реализираат на годишно ниво и претставуваат долго планирани вежби предводени од Армијата на САД за Европа и служат за зајакнување на источното крило на НАТО.
Граѓаните ќе имаат можност и одблиску да ја видат и да се запознаат со дел од воената опрема која ќе биде користена и која ќе биде изложена во Кавадарци на први јуни од 10 до 13 часот.