Темно е ноќе ако не ти работи сијалицата


ЃОРЃИ СПАСОВ

По промената на владата во мај 2017 година и по референдумот за името во септември 2018 година, изборите за претседател на државата ќе бидат првиот сериозен политички судир на двете силно спротивставени политички сили во Македонија.

Формално, се избира нов претседател на Македонија, но суштински се одлучува за тоа во која насока сакаме да се движи Македонија по овие избори. Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски се само персонализација на двете суштински спротивставени гледишта за тоа што е постигнато во Македонија по промената на власта и во која насока треба да се движи земјата во наредниот период.

За разлика од Стево Пендаровски, кој е подржан од сите етнички заедници во Македонија и кој бара да одиме заедно напред со цел да не се случи процесот на интеграција на земјата да го замениме одново со изолација, Силјановска-Давкова е типичен претставник на непобедениот дел од режимот на Груевски, кој остана до денес на власт во ликот на Иванов и кој им се спротивставува на сите промени што се случуваа по формирањето на новата влада.

Toј дел од режимот на Груевски, кој ја кандидира неа за претседател под слоганот „Право и правда“, всушност, повикува на политичка одмазда за изгубената власт. Тој сака да ја врати Македонија на почеток од преговорите со Бугарија и Грција, пред „Шарената револуција“, пред формирањето на СЈО и пред промовирањето на Македонија како едно општество на рамноправни граѓани.

Дали ќе го дозволат тоа оние што победија во 2016 година, кои победија на локалните избори во октомври 2017 година и оние над 600 илјади граѓани кои се изјаснија за поддршка на референдумот за името, ќе зависи од нивната свесност за големата важност на овие избори. Сите тие треба да сфатат дека на овие избори не се избира „нов фикус“ ниту, пак, станува збор за „битка на двајца ќелави за чешел“, односно битка за безвредна работа, како што тврдат некои заговорници на бојкот од редовите на десницата.

Мицкоски и дружината модерни комити изјавуваат дека не бараат поддршка за својот кандидат затоа што тој, односно таа, има капацитет за достоинствено политичко претставување на земјата дома и пред меѓународната јавност, капацитет да ја зголеми меѓуетничката и социјална кохезија во земјата, да биде способен врховен командант на армијата или да помогне за побрзо зачленување на Македонија во НАТО и во ЕУ. Тие нудат кандидат кој ќе се спротивставува на сите политики на сегашната влада и ќе прави сè со помош на власта што би ја добила да му ја одземе власта на сегашното парламентарно мнозинство и на владата како и да ги поништи веќе склучените договори со соседите, кои цел свет ги признава, но таа не ги признава.

Кандидатката Давкова не дочека да осамне понеделникот во Охрид за да изјави дека првиот ден на нејзината кампања за претседател ќе бил почетокот на крајот на легитимно избраната власт во Македонија и со тоа ја дефинира својата мисија и цел.

Иако тоа навидум се чини глупаво и смешно оваа политика на „барање претседателска власт заради рушење на власта“ не е ниту малку наивна.

Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку својата кандидатка за претседател на државата, всушност ни го нуди на тацна враќањето на режимот на Груевски во неговата најригидна форма.

Тие со својата кампања се обидуваа да го мобилизираат македонскиот национализам во вид омраза кон Албанците кои им се виновни што ВМРО-ДПМНЕ не ја зачувало власта во 2016 година и нивната кандидатка изјавува дека неа не ѝ се потребни ниту гласовите на Албанците ниту Македонија како едно општество на рамноправни граѓани.

Tие се свесни дека како земја голтнавме горчлива пилула за да излеземе од слепата улица и да одиме напред и си играат со емоциите на луѓето. Упорно манипулираат покрај сите факти дека со промената на Уставот сме се откажале од македонскиот народ, јазик култура и историја, а со Законот за јазиците сме ја загрозиле употребата на македонскиот јазик и унитарноста на земјата.

Иако со истите обвинувања и манипулации веќе ги изгубија и парламентарните и локалните избори тие се упорни во повторувањата на манипулациите.

Сега се нудат себеси како спасители од „лошата власт“, од „црнилата со која е обвиена Македонија“, од неправдите што ни ги прават НАТО и ЕУ, од географската одредница Северна на името Република Македонија, која тие, наводно, никогаш не би ја прифатиле.

Тие отсекогаш биле за „разумен компромис“ со Грција, но никогаш не кажале што подразбираат под тоа и како може да се постигне. Никогаш нема да слушнете од нив зошто не направија подобар компромис со Грција во 11-те години додека беа на власт или објаснување како тоа би го направиле во иднина и со чија поддршка во светот. Тие само знаат дека можеле подобро да ги решаваат проблемите на земјава и ветуваат некаква правда и правдина ако им биде доверена власта. Тие се всушност за „Брегзит“ на Македонија уште пред таа да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Според еден од предводниците на протестите кои доведоа до обидот за пуч во Собранието на 27 април и член на највисокото раководство на партијата што ја кандидира Давкова за претседател, Тони Михајловски, сите оние еден милион и двесте илјади запишани избирачи во избирачкиот список кои го „бојкотирале“ референдумот за името, покажале колку го мразат сето она што го прави сегашната власт и повикува со гласање за нивниот кандидат за претседател да ја демонстрирале таа омраза, за работите да тргнале во друга насока бидејќи неговото родно Куманово не било слободен град од 1938 година.

Нивната кандидатка за претседател на државата, која се рекламира себеси како експертка, активистка, вегетаријанка и рокерка, еднаш изјавува дека Уставот мора да се почитува додека тој не се смени, а веќе следниот пат бара да ја држиме за збор дека никогаш нема да изговорела „Република Северна Македонија“ и дека, ако биде избрана за претседател, нема ниту да потпише изјава за почитување на Уставот на Република Северна Македонија. Ниту ќе потпишува акти или закони што ги носи Собранието со тоа име на државата, како што сега постапува Иванов. Таа, всушност, ветува конфликт, блокада на Собранието и Владата и брукање на Македонија во светот ако биде избрана, со изјавите дека не го признава Уставот на својата држава, името на својата земја и меѓународно потпишаните договори.

Такво нешто, се чини, дека може да изјавува само некој што е сигурен дека никогаш нема да биде избран на таа функција. Некој што ја прифатил само улогата на пропагандна алатка за смена на власт со помош на куп лаги и манипулации.

И затоа треба да се биде внимателен на овие избори. Треба да внимаваме да не ни се случи избирајќи „мајка на нацијата“ да добиеме лоша маќеа, правдата да биде заменета со неправда, а светлоста што се појави на патот кон НАТО и ЕУ да биде угасната. Во Охрид на полноќ и во целата земја ќе биде и натаму темно, ако некому не му работи сијалицата.