Текстот на „Гардијан“ за протестите во Србија доби и одговор од Вучиќ, но беше објавен во делот „писма од читатели“
Одговорот на Вучиќ бил објавен во викенд-изданието на седмата страница, покрај писма на други читатели за теми како блек метал музиката и британскиот политичар Ник Клег

Британскиот дневен весник „Гардијан“ го објави ставот на српскиот претседател Александар Вучиќ како реакција на нивната статија, но неговото писмо не беше третирано како официјална колумна или одговор, туку беше сместено во делот „писма од читатели“.
Одговорот на Вучиќ беше објавен во викенд-изданието на седмата страница, покрај писма на други читатели за теми како блек метал музиката и британскиот политичар Ник Клег, пишува Нова.рс.
Аналитичарот за меѓународни односи Мирко Даутовиќ во изјава за Н1 објасни дека овој потег на весникот е симболичен, наместо да му даде тежина на одговорот на српскиот претседател, редакцијата го третирала како став на обичен читател.
Во својот уреднички текст од 25 август, „Гардијан“ остро го критикуваше Вучиќ и неговото владеење, опишувајќи го како „автократ и циник“ и „малигно присуство“ во политиката на Западен Балкан. Весникот потсети дека веќе девет месеци во Србија се одржуваат масовни студентски протести.
„Протестантите заслужуваат многу поголема поддршка и солидарност од Европската Унија отколку што добиваат. Оркестрирани групи овој месец нападнаа демонстранти и наводно ограбиле бизниси на противници на претседателот. Имаше и бројни извештаи за полициска бруталност“, стои во текстот.
„Гардијан“ дополнително нагласи дека Европската Унија има значителна економска моќ врз Србија, но често се воздржува од остри критики за да не ја турне земјата кон Русија.
Во својот одговор, Вучиќ нагласи дека Србија е „длабоко ориентирана кон Европа“ и дека тешко може да се третира како „малиген аутсајдер во регионот“. Тој наведе дека во последните девет месеци се одржале 23.000 недозволени собири, при што повремено доаѓало до насилство, а биле повредени повеќе од 170 полицајци.
„Она што Србија не може да го прифати е насилството маскирано како активизам, кое ја поткопува институциите внимателно изградени со посветеност и со поддршка на нејзините европски партнери“, напиша Вучиќ.