Текстилот ги живее последните години

Штип – Пред нашата текстилна индустрија, која вработува и социјално ситуира околу 35 000 работници, не стои розова иднина. Напротив, мислењата на менаџерите во оваа стопанска гранка се неподелени – дека нашиот текстил најверојатно ја живее својата последна деценија.

Според нашите соговорници, има повеќе елементи кои влијаат врз падот на сите параметри кои се значајни за опстанокот и развојот на оваа индустрија. Меѓу нив се недостигот од млада работна сила, законот за зголемување на минималната плата, решеноста на деловните партнери од развиените европски држави за кои работат нашите фирми да ги селат своите бизниси во држави во кои можат подобро да заработат отколку кај нас.

„Проблемот со недостиг од млада работна сила станува алармантен. Тој проблем особено доаѓа до израз во последната година. Имено, во периодот мај 2018 – мај 2019 година, бројот на вработени во текстилната индустрија е намален за 5,6 проценти, што е за двапати повеќе од намалениот број вработени во индустријата воопшто. Тука е и новата определба на нашите странски партнери кои бараат и наоѓаат простор за работа во азиските држави на Далечниот Исток, но и во дел од државите кои се осамостоија од поранешниот Советски Сојуз каде што бизнисот им е многу поисплатлив поради големата невработеност, бројноста на младата работна сила и каде што се работи за многу пониски плати од оние кај нас. Поради таквиот став на странските партнери, тие на нашите фирми им даваат сè помалку работа, а тоа го прават зашто не смеат одеднаш да престанат да ги користат услугите и квалитетот на нашите текстилни капацитети“, вели Ангел Димитров, првиот човек на Организацијата на работодавци и претседател на Здружението за текстилна индустрија при Стопанската комора.

Димитров додава дека странските партнери се свесни дека еден ден нашата држава ќе стане дел од Европската Унија и знаат дека во неа не се можни плати од 250 евра по работник, па затоа тие темелно и навремено се подготвуваат во барањето на нови држави во кои нивниот бизнис би бил поисплатлив.

„Нашата држава треба да е свесна дека веќе загубивме околу 5.000 работни места зашто бројот на вработени во текстилната индустрија спадна од 40.000 на 35.000 лица. А тој тренд не само што не запира туку станува сè посилен. Но тоа не е единствениот проблем што го притиска текстилот кај нас. Тука е и законот со кој се зголеми минималната плата, а со тоа пораснаа и платите, трошоците во производството на текстил се зголемија, а странските партнери не сакаат ни да слушнат за зголемување на цената на производството кое го работиме за нив. И затоа на нашите фирми им е сè потешко да исплаќаат повисоки плати“, смета Димитров.

Штип е град на текстилот. Со децении е ословуван како македонски Манчестер. Последните информации говореа дека во градот има над 70 конфекции со 7700 вработени. Денес никој не ја знае точната бројка.

„Работниците бараат сè поголеми плати, го користат моментот на недостиг од нова, млада и свежа работна сила, нашите млади луѓе со и без квалификација си ја бараат среќата во странство. Оние што постојано бараат повисоки плати мора да знаат дека на подолг рок таквата состојба станува неодржлива, зашто текстилот е трудоинтензивна, нископродуктивна гранка која не создава големи профити. Димитров е во право кога говори за односот на странските фирми кон нашите текстилни капацитети, тие сега нам ни ги даваат најтешките налози за работа, како што е карото зашто тоа на Запад е модерно, но не ни помислуваат да ги подобрат цените кон нас како извршители на нарачките кои бараат подолго време за изработка“, вели Ване Богдов, сопственик на конфекцијата „Вабо“ каде што работат 250 лица.

Во штипските конфекции просечната плата е 17.000 денари, во последните две години е зголемена за 3.000 денари и е највисока од сите други општини каде што се шијат производи за западни партнери. Но, ако младите си ја бараат среќата надвор од државата, што ќе стане со работниците во конфекциите кои денес се на педесетгодишна возраст и кои никаде не можат да заминат?

„Државата мора да е свесна дека во нашите текстилни капацитети најголем дел од вработените се над 45-годишна возраст, нив во странство не ги примаат, а дома нема многу можности за вработување. Нивниот статус ќе биде доведен во прашање и тоа е една од најголемите опасности за семејствата кои со години, а и денес егзистираат од оваа индустриска гранка“, вели Ангел Димитров.

Во разговор со повеќе сопственици на конфекции во Штип беше изразена загриженоста дека текстилот на нашите простори, во сегашни услови и во услови кога нарачателите си бараат поевтина работна сила, а младите само гледаат да заминат во странство – ја живее последната декада.

Иван Бојаџиски