Технолошките гиганти се закануваат дека ќе го напуштат пазарот во Велика Британија
Големите технолошки гиганти како „Мајкрософт“, „Ватсап“ или „Амазон“ се заканија дека ќе ја напуштат Велика Британија откако во таа земја беа објавени прописите кои се „пресвртна точка“ за заминувањето на овие компании.
Регулативите во Обединетото Кралство, кои беа дизајнирани многу брзо и наскоро треба да стапат на сила, се нешто за што се загрижени големите технолошки компании. Обединетото Кралство сака да го усвои Законот за безбедност на Интернет, кој ќе пропише оперативни правила и високи казни за компаниите во случај на прекршување и Законот за дигитални пазари.
Со оглед на тоа дека моќта би била во регулаторот кој ја надгледува пазарната конкуренција, технолошките компании веруваат дека ова е преголема слобода за едно тело и дека го загрозува нивниот бизнис.
Законот за безбедност на Интернет, чие донесување беше најавено за наесен, пропишува строги правила за следење на содржините на социјалните мрежи со цел да се заштитат децата. Прекршувањата се предмет на високи парични казни, како и затворски казни за поединечни технички менаџери, доколку компаниите не го почитуваат.
Една клаузула која се покажа особено контроверзна е предлогот дека шифрираните пораки, вклучително и оние испратени преку Ватсап, може да се читаат и да се предадат на полицијата преку платформите на кои се испраќаат доколку се смета дека претставуваат закана за националната безбедност или за заштита на децата од ризик.
Добротворна организација за деца ги опиша шифрираните апликации за пораки како „првата линија“ каде што се споделуваат слики од злоупотреба на деца, но исто така се смета за клучна безбедносна алатка за активистите, новинарите и политичарите.
„Ватсап“,„Протон“ и „Сигнал“ се заканија дека ќе го напуштат пазарот во Велика Британија токму поради овој нов законски услов.
Предлог-законот за дигитални пазари исто така се пробива низ Парламентот. Се предлага британскиот регулатор за конкуренција да ги издвои големите компании како „Амазон“ и „Мајкрософт“, да им даде правила што мора да ги следат и да ги казни ако не го прават тоа.
„Мајкрософт“ жестоко реагираше кога Управата за конкуренција и пазари (CMA) одлучи да го блокира купувањето на гигантот за видео игри „Активижн близард“ (Activision Blizzard).
„Овде има јасна порака – Европската унија е попривлечно место за започнување бизнис од Обединетото Кралство“, беснееше извршниот директор Бред Смит.