Техничкиот персонал на СЈО бара помош од меѓународната заедница, Пендаровски, Заев и Дескоска
Стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО иразува разочараност од недоволното внимание кое се посветува на прашањето за иднината на најголемиот дел вработени во ова Јавно обвинителство и апелира до меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на обвинителството и до политичките чинители во земјава внимателно и активно да ги следи актуелните процеси поврзани за навниот работен ангажман.
Писмото е потпишано од стручниот, административен и помошно-технички персонал на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и е адресирано до амбасадите на САД, Кралството Холаднија и Делегацијата на ЕУ, како и до Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и до министерката за правда Рената Дескоска.
– Ние, вработените во Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со особено внимание и трпеливо ги следиме актуелните случувања во однос на политичко-правната дебата која се води околу разрешницата за статусот на ова Јавно обвинителство, иднината на предметите коишто се оформени во обвинителството, како и прашањата поврзани за нашиот работен ангажман по евентуално престанување на ова обвинителство.
Во тој контекст, а имајќи ги предвид можните персонални решенија за кои информираат медиумите, сакаме да ја изразиме нашата разочараност поради недоволното внимание кое се посветува на прашањето за иднината на најголемиот дел вработени во ова Јавно обвинителство.
Карактерот на работните задачи кои ги извршуваат најголемиот дел од вработените во обвинителството не е поврзан со јавноста и поради тоа е непознат за граѓаните, но во структурата на обвинителството нашата работа е не помалку важна, со оглед на тоа дека истата се однесува на стручна и техничка поддршка на обвинителскиот и истражителскиот тим. За јавноста е помалку познато дека во рамки на ова Јавно обвинителство освен стручната служба составена од стручни соработници и референти, постои одделение на економисти како стручна поддршка при водење на финансиски истраги, одделение за информатичка технологија, административна служба, служба за односи со јавноста, доставна служба и вработени во возен парк, преведувачи, како и друг помошно-технички персонал.
Сметајќи дека е неправедно ние и нашата досегашна работа да не сме предмет на интерес на општествено-политичките чинители или уште полошо, кога станува збор за нас да се зборува како за обична бројка на која и се придодаваат секакви етикети, сакаме да потсетиме на почетоците на СЈО, кои беа подеднакво тешки, како и состојбата во која се наоѓа обвинителството во овој момент. Во услови кога државата беше соочена со сериозни предизвици за својата иднина и кога функционирањето на институциите на системот беше блокирано во секоја смисла на зборот, во услови кога со месеци ниту една институција не го поддржа формирањето на СЈО и неговото екипирање со стручен и помошен кадар, се охрабривме да бидеме крикот на правдата и да се приклучиме на обвинителскиот тим. Притиснати од опструкции, навреди, постојани медиумски напади и етикетирања, свесно прифаќајќи извесен безбедносен ризик за нас и нашите семејства, работевме одговорно, напорно, безрезервно и професионално, доследно почитувајќи ги законите, вложувајќи ги своите напори да создадеме нови професионални стандарди што ќе бидат позитивен пример за сите други институции. Неспорен е фактот дека работата на целокупниот тим на СЈО во извештаите на меѓународната заедница беше позитивно оценета како придвижување во насока кон остварување на независност и ефикасност на правосудниот систем. Бројот на предмети кои се наоѓаат во фаза на судска постапка, истражна и предистражна постапка неспорно говори за трудот и посветеноста со која работеше целиот тим.
Изминатиот период преку медиумското известување бевме сведоци на преговорите водени од страна на политичките партии за судбината на ова Јавно обвинителство. Иако до пред неколку денови една од спорните точки на преговори беше и статусот на вработените во обвинителството, јасно е дека во овој момент тоа прашање е сосема маргинализирано. Соопштенијата кои до пред извесен период се лиферуваа во јавноста кога се говореше за ова прашање, го потенцираа фактот дека работниот однос на вработените во обвинителството е од времен карактер односно истиот е на определено време поради што е и неопходно истиот да ја следи судбината на институцијата односно да престане заедно со престанокот на постоењето на ова Јавно обвинителство. Во оваа насока, сакаме да потенцираме дека вработувањата во ова Јавно обвинителство се со договори на определено време, но не по желба на работодавачот, туку по сила на Закон за јавнообвинителска служба. Имено, во членот 120-д од наведениот закон е предвидено дека работниот однос на јавнообвинителските службеници во ова Јавно обвинителство ќе биде заснован на определено време, до укинувањето на ова Јавно обвинителство. Ваквата одредба е оправдана од причина што било неопходно да се регулираат работните односи во институција која е од времен карактер и како таква во никој случај не би можела да вработува лица на неопределено време.
Меѓутоа, треба да се има во предвид и постојниот и сѐ уште важечки Закон за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Сл.Весник на РМ бр.159/2015). Имено, во членот 21 од истиот закон е наведено дека по укинувањето на Јавното обвинителство, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи лични примања. Оттука, јасна е намерата на законодавецот да ги гарантира правата од работен однос на сите оние кои во даден момент конкурирале и се вработиле во ad hoc институција со одреден рок на траење. Тоа значи дека законодавецот при носењето на законот за ова Јавно обвинителство немал намера да им биде прекинат работниот однос на вработените во ова Јавно обвинителство туку истиот предвидел одредба со која би ги инкорпорирал вработените во редовното Јавно обвинителство. Со вака предвидените одредби законодавецот изразил јасна потреба од заштита на правата од работен однос на сите вработени во ова Јавно обвинителство со договори на определено време.
Евентуалната ситуација, а чие настапување е се поизвесно, дека предавањето на предметите кои се водат пред ова обвинителство ќе доведе до беспредметност на неговото постоење директно не засегнува нас и нашите права.
Оттука, секоја намера на преговарачките тимови, која е спротивна на претходно наведените законски одредби ќе ја сметаме како директна повреда на правата од работен однос мотивирана од одмазднички пориви кон вработените и кон сѐ што тие успеале да постигнат во изминатиот период со искреност и со пожртвуваност кон институцијата во која работат, постапувајќи во делокругот на своите работни задачи определени со законите и согласно организационата поставеност во обвинителството.
Во таа смисла, упатуваме апел до меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на обвинителството и континуирано следење на неговата работа, која ја помогна изградбата на капацитетите со кои располага обвинителството пред сѐ преку стручно усовршување, обуки и специјализирана едукација на кадарот, внимателно и активно да ги следи актуелните процеси.
Исто така, упатуваме повик до сите политички чинители во своите постапувања да се водат од интересите на државата и од определеноста на граѓаните за нејзиното интегрирање во европските демократски процеси, чиишто основни вредности се владеење на правото и правна држава, непречено и ослободено од политичко влијание функционирање на институциите, како и правна сигурност за сите нејзини граѓани, а своите одлуки да ги носат исклучиво согласно важечките закони и истите да не предизвикуваат сомнеж кај граѓаните дека криминалот, без оглед на сторителот, може да остане неказнет. Секое поинакво однесување би значело определба за безобѕирно укинување на придобивките кои ги остваривме во борбата за правда и еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите. Fiat iustitia, et pereat mundus !, се вели во писмото од стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО.
Писмото е самоиницијативно од техничкиот персонал на СЈО, а кои за нивните барања имаат поддршка од обвинителите.