Теди, мечето од Штип ќе добие ново живеалиште


Мечето Теди од штипскиот ЗОО парк, ќе добие подобро живеалиште.

Според градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, пропадна обидот Теди да замине во скопската Зоолошка градина или да биде пуштен во некој од резерватите во земјава.

Стручните лица се децидни дека Теди не може да се пушти во природа. Од мал е научен на кафез и тешко ќе се прилагоди во некој од резерватите.

Мечето живее во простор од 15 метри квадратни и е најголема атракција за посетителите. Се забавува со автомобилска гума, а на овие летни горештини се разладува во када.

Директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев, вели дека останатите животни имаат живеалишта според стандардите, за нив се грижат стручни лица. Имаат обезбедено храна, а добиле и пофалница за грижата и хигиената од скопската Зоолошка градина.

Во штипскиот ЗОО парк моментно живеат околу 50 тревопасни животни и птици.