Течат роковите за регистрација во ДИК и за ценовници за платено политичко рекламирање


Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги информира медиумите дека почнаа да течат роковите за регистрација во Државната изборна комисија и за доставување ценовници за Предвремените избори за градоначалник на Општина Пласница и Општина Штип кои ќе се одржат на 13 декември годинава.

Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), доколку обезбедуваат платено политичко рекламирање (ППР) за предвремените избори за градоначалник на општина Пласница и општина Штип, се должни да се регистрираат во Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 24 часот на 5 октомври, за што треба да поднесат барање за упис, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Македонија, не постара од 30 дена. Барањата се поднесуваат на електронската адреса: [email protected] или пак во архивата на ДИК. Медиумите коишто нема да се регистрираат во ДИК, нема да имаат право да користат финансиски средства за ППР, обезбедени од Буџетот на државата, стои во соопштението на АВМУ.

Се додава дека медиумите се должни во рок од пет дека од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес и најдоцна до 7 октомври да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата, а радиодифузерите и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

-Ценовниците не смеат да се менуваат до конечното завршување на изборниот процес, а цените не смеат да ја надминуваат просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклуси, стои во соопштението на АВМУ.

ДИК веќе ја утврди и ја објави на својата веб страница просечно постигнатата цена и најниската цена за ППР кај радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), посочува АВМУ.