Театарската претстава „12“ на МНТ вечерва на „Охридско лето“

Драмската програма на годинешното издание на „Охридско лето“ продолжува со вечерашната театарска претстава „12“, според мотиви на текстот „12 Гневни мажи“ од Реџиналд Роуз, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје.
„Живееме во лудa доба. Нон-стоп. Имаме високо мислење за себе и за околината, но во суштина сме небитни. Времето немилосрдно нѐ гази, историјата револвира во неверојатно совршен круг, а ние, намерно или ненамерно, иако многу добро ја знаеме траекторијата, забораваме да научиме што било од искуството. Како последица, цивилизациски девалвираме. Забораваме зошто сме овде. Или можеби, никогаш вистински не дознавме. Оправданија и олеснителни околности ни се омилени орудија. Покажување со прст, омилен тренинг на цивилизацијата. Огледалото не постои за рефлексија на сопствените постапки, туку само како средство за задоволување на ниските страсти и суетата. Во слободно време, од удобноста на нашите домови, се бориме и за правда, еднаквост и за слобода. А слободата е болест, пријатели. Вирус. Комфорна зона. Од таа позиција креираме лажна иднина, празни приказни за нашите деца. Претставата „12“ е декларација на нашата неспособност. Некомпетентност! Само бледа опција сред духовна корупција. Дали сме тука само да ја раскажеме нашата приказна? Имам свои сомнежи. Колку чини човечкиот живот? Верувам во волјата да се преживее. Но не и во истребување. Дали вербата е доволна? Дали воопшто може да веруваме? И кому? Можеби и не сме толку битни. Може да нѐ снема за миг. Бесот е блуткаво недоразбирање. Мост кон островот на изневерени очекувања. Претставата „12“ е предговор за сите наши потфрлања“…
Претставата е во режија на Синиша Евтимов, со актерската екипа во состав Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов/Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 21 часот.