Театар Комедија доби 5 милиони денари за проекти, македонскиот автор во фокусот
Три театарски проекти со поддршка на домашните автори, реализација на „Еуродрам 2026“, театарска работилница на Мартин Кушеј и претстави од сопствен буџет, најавува Театар Комедија за годинава. Втор пат овој театар доби делегиран буџет од Министерството за култура и туризам, пракса што започна од минатата година во неколку институции од културата.
Театар Комедија доби 5 милиони денари за проекти, што е за 94.83 отсто повеќе од минатата година.
По претходна согласност на Управниот одбор, Театар Комедија даде согласност финансиските средства да бидат распоредени во следниве пет проекти:
– „Кој сум јас?”, од Митко Чешларов, во режија на Наташа Поплавска, во висина од 1.500.000,00 денари;
– „Избраниот”, од Ева Камчевска, во режија на Јане Спасиќ, во висина од 1.500.000,00;
– „Боеми”, според Петре М. Андреевски, во режија на Андреј Цветановски, во висина од 500.000,00 денари;
– Театарска работилница – Мартин Кушеј, во висина од 300.000,00 денари
За меѓународна соработка, за 2026 година е обезбеден буџет од од 650.000,00 денари. Екипата на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд” ќе гостува на фестивал во Радом, Република Полска. За одржување на објектите и опремата, за 2026 година е обезбеден буџет од Министерството за култура и туризам од 100.000,00 денари, по претходна согласност од Управниот одбор, даде согласност финансиските средства да бидат распределени за купување опрема.
Од Театар Комедија велат дека доколку дозволат условите, ќе се создадат и неколку претстави од сопствени средства.
Првата премиера годинава ќе биде на 27 март, на Светскиот ден на театарот, а тоа е „Кој сум јас“, во режија на Наташа Поплавска.