Таткото на Вања со солзи го следи судењето: Неговите адвокати велат нема вина
По воведните зборови на обвинителството сите обвинети се изјаснија дека не се виновни за кривичното дело
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, со солзи во очите го следи судењето од обвинителната клупа, додека неговите адвокати се обидуваат да докажат дека тој нема вина, за настаните кои довеле до тоа неговата малолетна ќерка Вања и претходно велешаневот Панче Жежовски, да бидат убиени.
Владимир Туфегџиќ, адвокат на Ѓорчевски, рече дека ќе докажат дека таткото нема никаква вина. Според Туфегџиќ, ќе докажат дека нема поврзаност помеѓу Ѓорчевски и другите обвинети во постапката, а беше дециден дека обвинителот нема ниту еден доказ за било каква вмешаност или контакти.
„Одбраната ќе докаже дека Александар иако разведен бил исклучително поврзан, одговорен и посветен родител кон своите деца и имал висок степен на грижа за нив на дневна основа. Одбраната ќе докаже дека токму состојбата на паника, страв, вознемиреност и внатрешното растројство поради исчезнувањето на детето кај Александар била злоупотребена на начин што дејствијата кои во таква стресна состојба самиот ги преземал откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цена да го пронајде сопственото дете, се потполно погрешно протолкувани и истото довело до потполно погрешен заклучок за неговата евентуална поврзаност или било каква инволвираност во овој кривично правен настан. Имено, одбраната ќе докаже дека обвинетиот Александар ниту ги познава останатите учесници во постапката, ниту има било каква поврзаност помеѓу него и останатите обвинети во оваа постапка“, рече Туфегџиќ.
Додаде дека и доказите од видео надзорот врз основа на кои се темели обвинението се обезбедени и прибавени токму од обвинетиот Александар и тоа со знаење, согласност и со напатствија од полициските службеници кои учествувале во истражната постапка и кои одбраната со листата на докази предложи да бидат директно испитани.
„Со предложените вербални и материјални докази одбраната ќе докаже дека е неоснована и неприфатлива тезата на застапникот на обвинението за постоење на мотив во остварување на материјална корист кај обвинетиот Александар бидејќи според предложените докази на одбраната, неколку месеци пред критичниот настан неговите деца, покојната Вања и нејзината сестра Миња, веќе биле даночни обврзници на предметните станови на кои алудира застапникот на обвинението дека биле мотив за извршување на кривичното дело и станале сопственици врз основа на договор за подарок склучен токму од сега неосновано обвинетиот Александар во својство на дародавател“, аргументираше Туфегџиќ.
Дополнително тврдат дека ќе докажат оти Александар наместо да има својство на оштетен и жртва во оваа постапка, бил изложен на тортура, нечовечко и понижувачко постапување од страна на дел од полициските службеници како и на дел од припадниците на затворската полиција, а се со цел да му биде изнудено признание на вина по секоја цена.“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот на Палчо тврди дека обвинителството нема никакви биолошки докази дека Палчо бил на местата на убиствата.
Адвокатот Марјан Витанов тврди дека има многу недоследности во обвинението и најави дека ќе докажат дека Палевски имал некаков план со другите обвинети, ниту имало биолошки траги во автомобилот „рено кангу“, ниту дека бил на местата на убиствата.
Од друга страна, обвинителството објаснуваше како се случиле убиствата, па велат дека Љупчо Палевски-Палчо со пукање во глава ги убил 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Како што кажа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ги планирале убиствата и на свиреп начин ги извршиле, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, им помогнал во грабнувањето.
Според Обвинителството, обвинетите прво го убиле Жежовски за да можат со неговото возило да ја грабнат Вања. Го убил Палчо со истрел во главата, а потоа го закопале во дупка.
Обвинетите ја грабнале Вања откако нејзиниот татко му дал на Палчо информации кога таа оди сама во школо, а целта била да се бара откуп. Како што кажа обвинителката, обвинетите пробале да ја киднапираат Вања на 24 ноември откако таткото му јавил на Палчо дека Вања сама ќе оди во школо, бидејќи сестрата нема прв час. Но, поради гужва во сообраќајот, задоцниле. Грабнувањето било извршено во понеделникот на 27 ноември, откако таткото му јавил на Палчо дека Вања ќе оди сама, а оваа информација ја знаел само тој.
„Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Кога таа излегла од лифтот, ја грабнале, ѝ ставиле трака на устата, ѝ ги врзале рацете и нозете со пластички стеги и ја ставиле во вреќата. Ѝ се заканувале за да не вика”, кажа обвинителката.
Потоа ја ставиле Вања во багажникот на колата, на Партизанска ѝ го скршиле телефонот за да нема сигнал и се упатиле кон Качанички пат. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде ја убиле Вања. Обвинетите во претходно ископана дупка ја ставиле Вања со врзани раци и нозе. Палчо, според обвинителството, со пиштол преку перница пукал во главата на Вања и ја убил. Потоа го закопале телото, а колата ја запалиле.
По воведните зборови на обвинителството сите обвинети се изјаснија дека не се виновни за кривичното дело.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.