Таткото на Вања го праша Палевски зошто му е убиена ќерката

На денешното рочиште за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, пред судот се обрати и таткото на Вања, обвинетиот за помагање при нејзиното грабнување, Александар Ѓорчевски. Тој истакна дека и по месеците судење, чувствува дека вистината сè уште не е откриена до крај, пренесе Скопје1.
„Од почетокот на самото судење имаше воведни зборови и убаво се сеќавам дека станав и изразив очекуѕвање дека се ќе дознаам. Во текот на судскиот процес цело време мижам во просторијава, меѓутоа внимателно го слушам секој збор. Сега како се сведе, се приближи кон крај процесот, имам чувство на непотполност во поглед на вистината која што очекував да ја дознаам. Еден од обвинетите го посочи Палевкси како човек кој ги имал одговорите на сите прашања. Токму поради тоа и само од тие причини му се обраќам на Палевски после мене уште тој останува со завршен збор, нека стане, нека се поклони и во две реченици нека ја каже вистината. Зошто ми е убиена Вањичка? Благодарам“, рече Ѓорчевски.
Со завршните зборови продолжува Љупчо Палевски, кој треба да се изјасни по сите наводи.
На денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје, во предметот за киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, завршен збор дадоа дел од обвинетите.
Обвинетиот Боре Видевски кој негира вина, кусо се обрати пред судот:
„Нема да давам завршен збор, нема да кажам ништо. Се согласувам со тоа што го кажа мојот бранител“.
Покрај него, збор зеде и обвинетиот Влатко Кешишев, кој во своето обраќање истакна:
„Морам да кажам дека многу се каам и имам грижа на совест за што воопшто бев со нив, бидејќи сѐ разговараа, испланираа и завршија сами сè. На мене ми кажано да ќутам, да не се мешам и да седам настрана“.
Кешишев пред судот повтори дел од неговиот претходен исказ, опишувајќи го денот на грабнувањето на Панче Жежовски.
Судењето продолжува со завршните зборови на останатите обвинети, по што се очекува донесување на пресудата.