Таткото на Џулијан Асанж има надеж дека Бајден ќе го помилува неговиот син
Англија – Таткото на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во изјава за агенцијата ДПА изрази надеж дека следниот американски претседател ќе го помилува неговиот син.
Џон Шиптон (79) ја даде изјавата пред очекуваната одлука на британскиот суд за барањето за екстрадиција на САД.
Тој рече дека се плаши оти судот на 4 јануари ќе донесе одлука во корист на екстрадиција врз основа на „произволниот и злонамерен“ начин на кој се третира неговиот син во текот на постапката, и оти се надева дека новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе го помилува Асанж кога ќе стапи на функцијата.
Нилс Мелцер, известувач за тортура во ОН, исто така рече дека судбината на Асанж би можела да биде во рацете на Бајден.
Мелцер за Дојче веле изјави дека на Асанж му се одземаат основните права и оти верува дека нема да добие фер судење во Лондон.
Мелцер на почетокот на овој месец рече дека здравјето на Асанж сериозно се влошило зад решетки во Велика Британија, „до точка кога неговиот живот сега е во опасност“ и побара помилување од американскиот претседател Доналд Трамп.
Асанж може да добие затворска казна од 175 години во САД под обвинение за кражба и објавување на доверлив материјал за воените операции на САД во Ирак и Авганистан, кога ги обелодени воените злосторства извршени од американски војници.
Британската полиција го уапси во април 2019 година во еквадорската Амбасада, каде беше во засолниште седум години, поради тоа што не му се предаде на судот за претходната потерница поврзана со прелиминарна истрага во Шведска за наводно сексуално вознемирување, која потоа беше отфрлена.