Таравари ќе излезе од Владата само ако Мицкоски му ја покаже вратата
Министерот за здравство вели дека не требало да се брза, дека требало да се биде рационален

Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека тие ќе излезат од Владата само доколку премиерот смета дека не треба да се таму. Според него, премиерот е тој што формира влада и никој друг нема право да кажува освен него. Сепак, да бидеме рационални и да не брзаме, изјави Арбен Таравари прашан дали неговата партија ќе ја напушти владата со евентуално излегување од коалицијата „Вреди“.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Куманово денеска, министерот за здравство и лидер на едно крило на АА рече дека „не мора да значи“ напуштање на Владата ако неговата партија излезе од „Вреди“ затоа што, рече, „владата ја прави премиерот“.
„Сум разговарал со премиерот и повторно ќе разговараме. Доколку тој смета дека Алијанса за Албанците не треба, ние немаме никаков проблем. Меѓутоа мислам дека АА во моментот е потребна. Но, ако донесат таква одлука, немаме никаков проблем. Ќе видиме во следните денови, да не брзаме, треба да бидеме што порационални во овој период“, изјави Таравари.
Тој смета дека во партиите партнери во коалицијата „Вреди“ има емотивни реакции по неговата одлука АА на локалните избори да има свои советнички листи. Како што рече, доколку тие се одлучни во тоа што го изјавуваат деновиве, неговата политичка партија ќе ги разгледа опциите за свои кандидати за градоначалници.
Тие одлучиле АА да има сопствени советнички листи, како што рече, „исто како што одлучи и ЗНАМ да излезе со сопствени советнички листи, меѓутоа да има меѓусебна политичка поддршка со ВМРО-ДПМНЕ“. „Во овој период не сакам да давам прогнози или да предвидувам, гледам што пооправдано да донесуваме одлуки. На крајот на краиштата, доколку ‘Вреди’ се одлучни во тоа што го кажуваат во овие четири-пет дена, ние како политичка партија ќе ги видиме нашите опции за нашите кандидати за градоначалници“, изјави Таравари.
Вчера и вицепремиерот и министер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, изјави дека членовите на Владата од Алијанса за Албанците на Таравари засега остануваат во владиниот тим и дека нивната работа во извршната власт продолжува нормално.