Таравари: Впечаток е дека ВЛЕН има слаба позиција во Владата


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН настапи со јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.

„Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70% од населението Албанци е дека ВЛЕН не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата“,вели тој.

Во интервјуто Таравари дообјасни дека кога зборува за претставувањето на Албанците во Владата не мисли на квантитетот, туку на квалитетот.

„Ако земете во квантум, значи број на министри, број на директори, океј е претставувањето на ВЛЕН во Владата. Меѓутоа, ако го земете квалитативно, тоа не е баш како што треба, не функционира баш како што треба и тоа е генерален впечаток на повеќето, зборувам за Албанците“,додава Таравари.

Ваквите ставови на Арбен Таравари доаѓаат во период на сѐ погласни шпекулации дека тој е со една нога надвор од ВЛЕН, а се поблиску до ДУИ. Првиот вистински, а можеби и последен тест на коалицијата се претстојните локални избори.

ВЛЕН, засега, не успева да се договори дали ќе настапи со заеднички листи за советници и кандидати за градоначалници. Таравари, додава, тоа прашање има историја уште од лани, кога се отвора идејата за ВЛЕН од коалиција да прерасне во една партија.

„Заедничка констатација наша во јули или август минатата година беше дека подобро да одиме со четири партии до локални избори и после локални избори да се обидеме да бидеме една партија. Меѓутоа, тогаш, баш на тој состанок, јас кажав – доколку одиме со четири партии, тогаш и советничките листи добро би било да ги имаме секој за себе. Оти јас знам, 2021 година со Алтернатива ние бевме заедно на локални избори и колку мака имавме две партии да се усогласиме за иста советничка листа. И замислете, сега ќе дојдеме во ситуација четири партии за една советничка листа“,вели тој.

Таравари беше прашан и за последната средба во Приштина на лидерие на ВЛЕН со косовскиот премиер Албин Курти. Го повтори претходно кажаното дека Курти е пријател и ги советува и дека, спротивно на написите во медиумите, средбата поминала во коректна атмосфера.

На прашањето, пак, дали неговите чекори се инспирирани од премиерот на Албанија, Еди Рама, поради загриженост за статусот на Албанците во земјата, Таравари одговори – не. Во продолжение, го пофали премиерот Христијан Мицкоски, а ја критикуваше некомпетентноста на кадровските решенија на ВЛЕН.

„Јас мислам дека статусот на Албанците не е лош во Македонија. Никогаш не се случило да има еден ваков коректен однос на премиер спрема коалициските партнери. Ова е суперкоректно, да бидам искрен до крај. Меѓутоа, директорите, заменик-директори, заминик-министри, јас мислам дека не функционира баш како што треба… Меѓутоа, генерално, пак да речам, тој рапорт, тој однос со премиерот е сосема коректен и ова секаде сум го кажал – од Приштина, до Тирана и секаде каде што одам. Меѓутоа, подолу, нас ни треба, на пример, ете ќе земам табли се ставаат по патишта, од тројазични – двојазични и треба ние со медиуми да се занимаваме по три дена, два дена, со прес-конференции ДУИ, па ВЛЕН, за работи коишто се навистина банални. Меѓутоа, за среќа, овој период немало ни монтирани случаи, ни апсења по нарачка, ниту скандали што се направени од претставниците на Владата. И во овој контекст, јас мислам дека е океј функционирањето. Меѓутоа, подолу кога одиме, не е тоа мој впечаток, тоа е генерален впечаток, дека не е баш како што треба, а може многу подобро да биде“, рече Таравари во интервјуто.

На прашањето, како прогнозира дека ВЛЕН ќе настапи на следните избори, тој одговори:

„Јас посакувам да изнајдеме формула за да излеземе заедно и се надевам дека ќе изнајдеме формула, барем до локални избори. Нешто, барем мојата интуиција збори дека одржливоста на ВЛЕН и после избори да биде една партија, мислам дека е скоро невозможна мисија. Можеби грешам, времето ќе покаже“.