Tаравари со пратеник помалку: Салим Сулејмани објави дека заминува од партијата и од Собраниетo


Фото: Б. Грданоски

Пратеникот од Алијанса за Албанците (АА), Салим Сулејмани, на Фејсбук објави дека поднесува оставка од сите партиски и од функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Тој напиша дека се кандидирал за пратеник поради длабокото чувство на одговорност и желбата за вистинска промена во животот на граѓаните, а коалицијата ВЛЕН се создала како резултат на длабокото разочарување што Албанците го доживеале од ДУИ.

„Станав дел од ВЛЕН затоа што верував дека оваа коалиција е создадена токму како антипод на оваа скапана структура, како политичка алтернатива која има за цел да ја врати надежта, да ја врати правдата и да им даде на Албанците достојна застапеност што им недостасуваше со години. За жал, она што го видовме неодамна е целосно отстапување на Алијансата за Албанците од овој политички дух и отворено отстапување од целите поради кои се приклучивме на коалицијата ВЛЕН“, вели Сулејмани

Партијата на Сулејмани, Алијанса за Албанците, до скоро беше дел од коалицијата ВЛЕН, која пак е дел од владината коалиција. Но, лидерот Арбен Таравари објави дека излегува и од ВЛЕН и од Владата поднесувајќи си оставка од функцијата министер за здравство. Овој чекор Таравари го објасни посочувајќи дека ВЛЕН станала само декор во Владата и не ги застапувала доволно Албанците. Во пресрет на локалните избори најави можна соработка со опозициската ДУИ.