Таравари преку министерството ќе набавува компресорска станица за хируршките сали


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство најави втор тендер за довод на кислород до операционите сали, откако првиот пропадна.

Набавката на нова компресорска станица за хируршките сали на Клинички ќе оди преку министерството за здравство, а не според првичниот план преку Заеднички служби. Откако минатата недела пропадна тендерот и ниту една фирма не се јави да понуди нов систем за компримиран воздух, министерот за здравство Арбен Таравари ја извести Владата дека сите обврски и активности во иднина да ги преземе МЗ и да обезбедии финансиски средства. Таравари смета дека со ваквиот начин за набавка на нова компресорска станица се ќе биде побрзо и поедноставно, но повторно се ќе биде според законот, јавно и транспарентно.

По неуспешниот тендер за набавка на нова компресорска станица Министерството за здравство го превзема во свои раци решавањето на овој сериозен проблем, неопходен за нормално функционирање за хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје. Како што информира министерот за здравство Арбен Таравари неговата идеја веќе е презентирана во Владата пред сите министрите, за што добил зелено светло. Тоа значи дека со цел да се забрза целокупната постапка набавката, монтажата и пуштањето во работа на кислородните пумпи во најголемиот здравствен центар во Македонија, целосно да бидат во рацете на ресорното министерството. Таравари смета дека со ваквиот начин за набавка на нова компресорска станица се ќе биде побрзо и поедноставно, но повторно се ќе биде според законот, јавно и транспарентно.

Таравари кажа дека ја донел оваа одлука, пред сѐ во интерес на пациентите по неуспешниот тендер од страна на Службата за општи и заеднички работи, каде не се пријавила ниту една компанија.

-Финансиските средства потребни за спроведување и реализација за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух ќе ги обезбеди Министерството за здравство, со што нема да постои обврска на ЈЗУ да го плаќаат предметот на набавка, вели Таравари.

Тој како што рече е подготвен ако и на вториот тендер не се јави ниту една компанија да најде начин некој да стопанисува со овој систем и на тој начин операционите сали да можат нормално да фукционираат.

-Ако не се пријави економски оператор, ќе одиме на опција на договор со изведувач што може да го сработи ова – дополни Таравари при денешната посета на Општина Илинден.

Дотогаш како што посочи дел од операциите ќе се пренасочат во Општата болница “8 Септември” и во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ .

-По попладневните часови не можат да се користат салите во овие две болници, оти има законски пречки- дополни Таравари и укажа дека и хируршкиот блок во ГОБ „8 Септември“ треба да се реновира, бидејќи не е во сјајна состојба.

Министерот посочи дека заради непродуктивното работење на Заедничките служби тие под итно ќе се реорганизираат, но не кажа точно по кој модел тоа ќе се стори и дали ќе останат во склопот на Клиничкиот центар. Здравстствените власти веќе најавија нов Закон за здравствена заштита, при што можно е заедничките служби да бидат посебно претпријатие.

Преблем е и што уште не е расветлено што ја предизвика непријатната миризба во хируршките клиники, Таравари кажа дека и по повеќе од еден месец во Министерството за здравство не е добиен извештај од Германија, од стручни лица на што се должи оваа миризба во салите. Се работи за скапа инвестиција која е околку 300 илјади евра, а реално проблемот не може да се реши во следните неколку месеци.

Во меѓувреме на Хирургија продолжува неизвесноста,а пациентите прашуваат кога нормално ќе профункционираат операционите сали. Хаосот на хируршките оддели настана пред околку два месеци кога беа затворени сите сали, а на стотици пациенти им беа одложени операциите. Од заедничките служби на клинички тогаш кажаа дека пред неколку години алармирале, дека компресорската станица треба да се промени, но досега никој не направи ништо. Засега како што вели Таравари со надворешните компресори кои сега се употребуваат, немаат застој во операциите, дека се спроведуваат сите итни хируршки интервенции. Она што засега е во застој е поради годишните одмори, па некои операции се одложени за септември.