Таравари оди на лидерската средба, Мицкоски тактизира


Алијанса за Албанците (АА) ќе учествува на лидерската средба што за в понеделник ја свика премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните партии, а која треба да се одржи во Собранието. Одлуката денеска ја соопшти в.д. претседателот на партијата Арбен Таравари, а со оглед дека партијата нема избрано ново раководство по оставката на Зијадин Села.

„Одлука на комисијата за организирање на конгресот на АА, која се состои од градоначалниците и пратениците од АА, донесе конечна одлука дека во понеделник во 12 часот ќе бидеме во парламентот каде ќе разговараме за идната европска перспектива на Република Македонија, меѓутоа и евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот. Се надевам дека ќе има конструктивна дебата, АА ќе биде учесник во тој настан и ќе даде максимум за да се помине полесно овој период додека се случат уставните промени во Република Македонија“,рече денеска Таравари.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму тактизираат со одговорот иако самите бараа лидерска средба претходно, но како што се оградуваат сега, за други теми. 

Вечерва имам состанок со проширениот состав на Општинскиот комитет овде во Битола. Утре имаме настан, се надевам дека телефонски попатно ќе имам можност да се консултирам со коалициските партнери, со пратеничката група, со Извршниот комитет и веќе во текот на утрешниот ден ќе соопштиме дали ќе одиме и ако не, зошто не одиме#, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање во Битола.

Целта на лидерската средба во понеделник е да се  разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот. Од АА и Беса изминатиот период во јавноста веќе најавија дека меѓу нивните услови за поддршка на уставните измени кои се потребни за продолжување на преговорите со ЕУ, ќе биде и замена на формулацијата „20 проценти“ со „албански јазик“. АА  е прва што потврди дека ќе учествува на средбата.