Таравари негира дека Алијансата ќе оди на избори заедно со ДУИ


Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари ги демантираше наодите дека неговата партија ќе оди во коалиција со ДУИ на избори. Тој во изјава за ТВ21 кажа дека овие наоди се невистинити и дека партијата нема донесно таква одлука.

„Ахмети ја отвори темата за Европскиот фронт, но никогаш не доби одобрение од Алијансата. Никогаш никому ништо не сме ветиле. Гледам дека оваа тема ја злоупотребуваат членовите и функционерите на ДУИ, како оваа работа да е завршена и дека Алијансата за Албанците ќе оди заедно со ДУИ на следните избори. Сакам да демантирам и да се спротивставам. Алијансата нема донесено таква одлука“ рече Таравари.

За оставките на министрите и функционерите на ДУИ ги оцени како детска игра. Таравари вели дека Алијансата ќе одлучува по консултации со партиските тела дали ќе остане во Владата откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.

„Овие постапки на ДУИ ми изгледаат многу несериозни со оглед на сериозното време низ кое минува Република Северна Македонија, во еден многу, многу важен период. Овие игри во најмала рака ми изгледаат многу детски. Алијансата е партија сама по себе и носи свои одлуки во партиските органи  земајќи ги предвид сите околности, волјата на членството, но и на албанските граѓани во Република Северна Македонија“, рече Таравари.

Од Владата не објаснија дали оставките на министрите се и формално поднесени и дали премиерот Димитар Ковачевски планира да ги прифати. Според Деловникот за работа на Собранието, министер поднесува оставка до претседателот на Владата, а потоа тој поведува постапка за разрешување пред пратениците. Од Собранието пак, на барање на новинари,  известија дека оставките формално не се стигнати до нив, а реално тешко е и да се очекува такво нешто зошто оставките се условени и со временски тајминг, односно се депонирани, но не и ефектуирани.  

 „Уставни измени со вакви фолирања нема да има, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби, веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ, туку и СДСМ да поднесат оставки, и тоа неотповикливи, па да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи сè друго е одолговлекување и играње играчки“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, без да спомене дека оставките се трампа за уставните измени.

Владејачките партии сепак сметаат дека барањето на Христијан Мицкоски од лидерската средба на почетокот на јуни за влада без ДУИ сега е исполнето, а следниот чекор треба да го направи тој. Од СДСМ порачаа дека изборот е глас за ЕУ или изолација.