Таравари не сакал да биде дел од „политичката измама на ВЛЕН“

Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира на, како што ги оценува, лажните изјави на претставниците на ВЛЕН, нагласувајќи дека враќањето во опозиција била принципиелна и неопходна одлука.
-Арбен Таравари не ја напушти владата поради каприци или лични интереси. Тој си замина затоа што владата на ВМРО-ВЛЕН не ги исполни своите ветувања кон Албанците и отстапи од принципите на еднаквост, владеење на правото и фер регионален развој. Ништо конкретно не беше постигнато од договорот за ко-влада:
• Уставни промени – неисполнето ветување, нула напредок.
• Децентрализација и регионален развој – игнорирани, со закони што ја продлабочуваат дискриминацијата.
• Дијаспора – исклучена, без конкретни проекти за вклучување или инвестиции.
• Здравство и образование – ветувања без покритие, без вистински инвестиции.
• Албански јазик и Охридскиот договор – систематското кршење продолжува, без реакција од ВЛЕН.
ВЛЕН денес е дел од влада што ги штити едностраните интереси на ВМРО, молчејќи пред одлуките што им штетат на Албанците и на евроатлантскиот пат на земјата. Алијансата за Албанците ќе продолжи да стои со народот, во опозиција, за да ги заштити националните интереси. Никогаш нема да станеме дел од пазарењето за власт. Таравари и Алијансата не се покорија и нема да се покоријат. Ги покануваме сите албански сили кои не се заробени од власта да соработуваат за нова политичка алтернатива, чесна и со интегритет, порачаа од Алијансата за Албанците.