Таравари: Не можеме да седиме на две столици


Дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври, ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ, рече денеска лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, кое е дел од власта, и министер за здравство, Арбен Таравари. Тој  додаде дека како партија не се заинтересирани тие да бидат наесен, но, ќе се подготват ако бидат распишани.

– Дали ќе се оди на парламентарни избори тоа ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие одлучат така, тогаш мора да се оди. Начелно сметам дека прво треба да има локални, па идната година да се оди со предвремени парламентарни. Меѓутоа ако дојде до ситуација да имаме двојни избори, тогаш ние ќе се подготвуваме и ќе дадеме максимум за добри резултати, рече министерот Таравари по настан за одбележување на 30 години УНДП во Македонија.

Давајќи појаснување на прашањето околу разговорите со премиерот Христијан Мицкоски, Таравари напомена дека тие поминале во конструктивна атмосфера и оти не е решено дали ќе истапи од Владата

– На две столици не можеме да седиме. Пред два дена имав конструктивен разговор со премиерот Мицкоски, тој кажа и јас кажав што мислам и останавме на став да продолжиме со разговорите, подвлече Таравари.

Тој смета дека евентуалното напуштање на владината коалиција нема да предизвика парламентарна криза и беше недвосмислен дека тоа не може многу да влијае врз стабилноста на Владата.

– Не може да дојде до парламентарна криза, бидејќи има бројки. И без на нас има 73 што е мнозинство. Може да се случи и некој пратеник од „фронтот“ да влезе во Влада, па така сметам дека нашето излегување нема да биде проблем за делување на владата. Нашата интенција и тенденција не е да предизвикаме политичка криза, рече министерот за здравство Арбен Таравари.

За евентуална соработка со доскорешните партнери во коалицијата ВЛЕН тој кажа дека не останало простор за да се преговара и дека сега се сконцентрирани на локалните избори

– Алијанса за Албанците како и секоја друга партија сака да освои повеќе општини. Одлуките ги носиме автономно во органите на партијата и ќе решиме како понатаму. Токму сега кога шансите за преговори со ВЛЕН се на нула, сакаме да донесеме рационални одлуки кои ќе бидат во корист на државата во живееме и секако за партиите, рече Таравари.

Тој напомена дека уште вечерва ќе почнат со подготовките и избор на кандидати за градоначалници во општините Гостивар и Врапчиште, а денес или утре да се формира изборниот штаб.

Тактизирањето на Тарабвари вечерва го коментираше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер Алекасандар Николоски.
 
-Разговараме со коалиционите партнери и имаме јасна визија каде треба да се движи државата. Имаме стабилна Влада и не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ, било формална или неформална, вели  Николоски. Според него, Мицкоски има јасна визија во кој правец сака да се движи државата, а она што е клучно во неа е дека  мора да постои силна битка со организираниот криминал и корупцијата.
 
-Премиерот има многу јасна визија каде сака да се движи државата, но она што е клучно во неговата визија е дека мора да имаме силна битка со организираниот криминал и корупција, кои најмногу беа олицетворени во ДУИ. Наше јасно ветување беше дека ДУИ ќе биде во опозиција, и ДУИ е во опозиција. Затоа не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ, на било кој елемент во рамки на Владата и во било која форма на соработка со политичката партија ДУИ, без разлика дали се работи за формална, неформална соработка, соработка само за локални избори. Тука е всушност главната забелешка кон Арбен Таравари и кон неговото однесување, категоричен беше Николоски.