Таравари ќе се пазари со ВЛЕН, но не исклучува и други опции

Партиското раководство на крилото на Алијанса за Албанците кое го предводи Арбен Таравари во наредниот период ќе се обиде да најде заеднички јазик со останатите партии од коалицијата „Вреди“ за локалните избори. Ова го кажа Таравари по паузата на четиричасовната седница на собранието на партијата што се одржува во Гостивар.
– Наредните денови ќе имаме интензивни средби. Приоритет е соработката со Влен, но не исклучуваме ниту други резервни опции. Во наредниов период и централното претседателство ќе се состане и ќе го каже конечниот одговор, рече Таравари по седницата.
Тој додаде дека Алијансата за Албанците останува отворена за сите можности кои им служат на интересите на граѓаните и на најдостојно претставување на Албанците во локалните и централните институции.
Седницата на партиското раководство доаѓа во време кога се зборува за несогласувања во коалицијата и пред локалните избори. Денеска, кон старото партиско јато се приклучи и Исен Шабани, потпретседател на крилото на АА предводено Зијадин Села и актуелен градоначалник на полошката општина Врапчиште.
Таравари пред седницата на партиското Собрание во Гостивар демантираше дека има намера да се обедини со Зијадин Села и потенцираше дека нема да се дискутира за тоа прашање. Индиректно тој ја отфрли можноста раздорот со ВЛЕН да влијае на неговата позиција во владеечката коалиција, односно дека раскин со ВЛЕН мора да значи и негово излегување од владата. Напротив, тој нагласи дека со премиерот Мицкоски имале коректни односи.
„Ние сме дел од Владата, продолжуваме да го даваме нашиот придонес. Доколку некој смета дека не сме потребни таму, не ни е проблем воопшто. Но, јас сметам дека со премиерот Мицкоски имаме коректни односи, верувам дека ќе продолжиме, но тогаш кога ќе оцениме дека нешто не оди како што треба, тогаш и јавно ќе излеземе, не е проблем, но моментално сметам дека имаме добри односи“, истакна Таравари.
Претходно, собранието на Алијанса за Албанците донесе резолуција со осум точки која ја прифатија сите присутни членови на седницата што се одржува во Гостивар. Во овој документ се наведува дека е „дојдено времето за правда“ и дека веднаш се потребни дејствување и промени.Директен повод за ова резолуција е трагедијата во Кочани и во неа се истакнува неопходноста од институционална одговорност.
– Потребно е целосна, независна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, под раководство на надлежните институции, ослободени од какво било политичко влијание, со обврска редовно и јавно да ги информираат граѓаните за напредокот и наодите од истрагата, се наведува во документот.
Собранието на АА бара повторно отворање на истрагите за претходните трагедии „Дурмо Турс“, „Беса Транс“ и „модуларната болница“ во Тетово, кои заедно однесоа животи на 135 граѓани и за кои сè уште не е утврдена институционална или индивидуална одговорност.
Освен ова, како точка во документот се бара и дефинирање на одговорноста како индивидуална, така и институционална и адресирање на небрежноста, неспособноста и коруптивните практики.
Највисокиот орган на партијата бара детална проверка на имотот и интересите на сите одговорни функционери и инспектори, за да се открие каков било конфликт на интереси или евентуални коруптивни врски со субјектите кои се испитуваат.
Од партијата се препорачува вонреден надзор во сите високоризични објекти, особено во секторите угостителство, здравство, образование, спорт, транспорт и градежништво.
– Потребна е итна реформа на казнената политика која гарантира правични, строги и применливи казни за сите оние кои со своите постапки или непостапување придонесуваат за појава на вакви трагедии, стои во резолуцијата на АА.
Седницата се уште трае и е затворена за јавноста.