Таравари доби мнозинство и поддршка од општинскиот совет


Нов претседател на Советот на општина Гостивар е Бесим Мемеди. Тој беше избран на денешната седница на Советот откако досегашниот претседавач Насир Муслиу поднесе оставка. Со промената беше промовирано и новото мнозинство коешто се создаде околу Алијансата за Албанците.

Најавите за ново мнозинство започнаа со почетокот на седницата по што се прејде на избор за нов претседавач, а по два обида седницата да ја води најстариот член на советот, беше прифатен предлогот тоа да биде советник од редот на Алијансата. Клучниот глас за промена на мнозинството што доскоро го предводеа ДУИ и СДСМ дојде од советникот Кашмир Салиу од Демократскиот сојуз на Ромите.

За изборот на новиот претседавач Мемеди, гласаа советниците од Алијансата, ВМРО ДПМНЕ, двајцата советници од НДП беа воздржани, а советниците од ДУИ и СДСМ беа против. Со ваквиот распоред на силите Советот има мнозинство кое го предводи партијата на градоначалникот Арбен Таравари, Алијанса на Албанците.

Советникот на СДСМ, Зоран Ангелов се спротивстави на начинот на избор на претседавач нагласувајќи дека со ваквите постапки се кршат деловникот и законите. Ангелов сметаше дека по оставката на претходниот претседател, седницата треба да ја води најстариот советник од Советот, па дури потоа да се прави избор што според него тоа не исполнето.