Таравари: 18 приватни специјализанти во Битола ќе добијат решенија
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Битола промовираше нови медицински апарати со кои се модернизираат условите за третман на пациентите во јавните здравствени установи.
На прес – конференција што се одржа во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, министерот Таравари истакна дека станува збор за апарат што помага во ендоскопско и лапароскопско третирање на пациентите, како и артроскоп за ортопедски и трауматолошки пациенти.
– Медицинските апарати се најсовремени и интензивно ќе бидат користени во Клиничка болница-Битола. Но, ние ќе продолжиме со други инвестиции затоа што битолската Клиничка ни е посебно важна како министерство и значајна за јавното здравство во нашата држава, истакна министерот Таравари.
Тој посочи дека владата е фокусирана и на нови вработувања.
– Во разговор со директорката на битолската Клиничка болница дознав дека 18 доктори од Битола се приватни специјализанти и дека наскоро доколку се согласат и аплицирале во апликацијата што веќе е дадена од Министерство за здравство, ќе добијат решенија за работа. Тие истовремено ќе бидат обврзани да помагаат на Клиничка болница со едно, две или три дежурства неделно, за што ќе се договориме и со клиниките каде што тие специјализираат, нагласи Таравари и додаде дека во Битола но и цела држава во моментов актуелен е проблемот со средномедицинскиот кадар за што се бараат решенија до крајот на буџетската година дел од вработените да добијат решенија.
Директорката на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, Ненси Лозанче очекува со поддршка на владата да се подигне нивото на болницата.