Тамара, Just RB & Nikifor со римејк на „Зови ме Лена“ ( видео)
Песната „Зови ме Лена“ доживеа римејк верзија од Тамара Тодевска, Just RB и Никифор.
Имено, оваа песна за прв пат беше изведена на последниот избор за песна на Евровизија на Србија 2024 („Беовизија“), во изведба на Лена Ковачевиќ. Автор на музиката на песната е Дарко Димитров, кој заедно со Роберт Билбилов (Just RB) и Лазар Цветкоски работеа на оригиналната верзија.
Денеска „Зови ме Лена“ доживеа нова, римејк верзија, која го најавува албумот “African Queen”, кој е во процес на подготовка од Just RB и Никифор.
Тамара Тодевска како еден од најдобрите женски вокали, со својата енергија и сензибилитет даде нова вредност на песната. Публиката има можност да слушне музика која е во духот на африканските звуци и култура. Во период на жешко и топло лето, „Зови ме Лена“, дополнително ќе Ве релаксира и ќе Ве потсети на едни поинакви клубски и радиски звуци – многу внимателно селектирани и креирани:
„Среќна сум што на овој римејк работев заедно со моите добри пријатели и соработници: Роберт Билбилов и Никифор, но секако и со Дарко Димитров и Лазар Цветкоски кои се дел од целиот проект. Работата во студио се одвиваше брзо, во една убава атмосфера и динамика, баш како што е и самата песна односно оваа римејк верзија“, посочува Тамара.
Во заедничка изјава, Just RB и Никифор го изразија своето задоволство од соработката со Тамара Тодевска и посочија дека интензивно работат на својот нов албум “African Queen”:
„Работиме на еден уникатен музички проект, кој ќе биде еден вид на „патување“ низ африканската музичка култура, микс на традиционалното и модерното во еден неверојатен звук. „Зови ме Лена“ го најавува нашиот албум, кој веруваме дека ќе и се допадне на домашната публика“, посочуваат двајцата артисти.
Изведувачката на оригиналната верзија на песната, Лена Ковачевиќ, исто така ја поздрави оваа соработка и се радува што овој римејк ќе придонесе дополнително да „живее“ оваа песна, да освојува нови генерации и простори.