Тамара и Билбилов ја прерабoтија „Време за плачење“ на маестро Џамбазов

„На една недела до хуманитарниот концерт во МКЦ , заедно со мојот добар пријател и соработник Роберт Билбилов решивме да Ви подариме една нова верзија од безвременската „Време за плачење“ – една од моите омилени песни од маестро Џамбазов, сподели Тамара Тодевска, промовирајќи ја новата верзија на култната песна. Песната во 1992 година на „Макфест“ ја испеал Игор Џамбазов, која добила втора награда од публиката.
Хуманитарниот концерт на Тамара ќе се одржи на 8 мај , а сите средства од влезниците ќе бидат донирани за погодените од трагедијата во Кочани.
„Хуманитарниот концерт за Кочани ќе биде едно поинакво доживување од сите претходни концерти и настапи на Тамара Тодевска. Присутните ќе имаат можност да ги слушнат песните на Тамара во поинакви аранжмани, со што истите ќе добијат нова вредност и ќе бидат адаптирани само за овој музички настан. Да бидеме хумани и солидарни, за оние на кои им е најпотребно, велат од организацијата.
„И јас си купив карта за својот концерт и уште еднаш донирав за погодените семејства во Кочани. Но, има и такви кои и за ваков концерт бараат гратиси. Дечки, нема гратиси, правиме хуманитарен концерт за Кочани“, напиша Тодевска на социјалните мрежи.