„Talavera de la Reina“ или славење на занаетот и модата (галерија)
Модата и занаетчиството инспирирани од сложени модели и техники пронајдени во старошпанската керамика „Talavera de la Reina“, се споија вечерва на ревијата „Дијалози“, поддржана од Амбасадата на Шпанија, на 28. Моден викенд во Скопје.
Оваа презентација за мода и занает беше своевиден мастерклас во симбиотската врска помеѓу традицијата и иновативноста. Прославувајќи го занаетот и модата инспирирани од керамиката „Talavera de la Reina“ и жителите на Талавера-Шпанија, младите уметници и модни дизајнери Роберт Ивановски и Магдалена Таневска, заедно со занаетчиите и грнчари: Анета Попова, Слободан Столески, Христина Крстеска, Татјана и Борче Богоевски, ја открија капсулната колекција која беше дијалог помеѓу античката уметност на шпанската керамика и современите модни сензибилности. Оваа меѓукултурна соработка не само што го истакна заедничкиот јазик на уметноста и дизајнот, туку и ја нагласи посветеноста на настанот за одржливост, прикажувајќи ја модата што ги почитува и наследството и одговорноста за животната средина. Со белата, жолтата, зелената и сината боја, ни го донесоа шпанското сонце, море, вегетација и врвната уметност, во инспиративниот, нов, модерен деловен простор на Ист гејт мол, во Скопје.
Идејата беше полн погодок, но и проект зад кој со воодушевување застана и Шпанската амбасада во Скопје. (Л.С.)