„Тајм“ избра 15-годишна генијалка за Дете на годината

САД– Магазинот „Тајм“ воведе ново признание Дете на годината, кое е доделено на 15-годишната научничка Гитањали Рао, пишува Daily MailЗаинтересираноста на Рао за наука почнала кога имала 10 години. Тогаш дознала за технологијата наноцевки, која ја поттикнала нејзината страст за науката.

Пред да го добие признанието Најдобро дете на годината, Рао се најде и на Форбсовата листа 30 помлади од 30, за развој на мобилните телефони во 2017 година. Тогаш развила и уред за детектирање на олово во водата за пиење. Таа е добитничка и на други награди.

Нејзиниот последен проект е апликација наречена Kundly, која користи вештачка интелегенција за во рана фаза да детектира онлајн булинг.

Рао е избрана меѓу 5.000 номинирани, а жирито било водушевено од начинот на кој ја користи технологијата за борба против општествените проблеми од заразена вода до сајбер булинг.

– Не изгледам како типичен научник – вели Рао, која е родена во Колорадо, во интервјуто за „Тајм“.

Таа се надева дека ќе студира генетика и епидемиологија на Институтот за технологија во Масачусетс.

– Мојата цел е не само да создавам сопствени уреди за решавање на светските проблеми туку и да бидам инспирација за другите да сторат нешто – вели Рао во интервјуто.