СзС: Вучиќ се однесува како неодговорно дете, вината за неуспехот со Косово ја препишува на други


Опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) денеска го обвини претседателот Александар Вучиќ дека дејствува како „неодговорно дете“ кога станува збор за косовскиот проблем, кое вината за своите неуспеси им ја препишува на други.

Вучиќ рече дека народот е виновен бидејќи не го прифатил неговиот план за Косово, но синоќа на гостувањето на РТС не одговори на прашањето за тоа кој бил планот, пред кого го презентирал и кој точно го одбил. Наместо тоа, тој продолжи да се однесува неодговорно и им ја препиша вината за своите неуспеси на други, соопшти СзС.

Од оваа опозициска коалиција порачуваат дека Вучиќ треба да им објасни на граѓаните зошто, ако се е веќе изгубено на Косово, беше потпишан Бриселскиот договор со кој се стави крај на српските судови, полицијата и другите српски институции во Косово.

– Единствено што Вучиќ лавовски го прави е кршење на Уставот на Србија и навредувањето на сите граѓани кои размислуваат поинаку, оценија од СзС.

СзС и опозициските партии од Договорот со народот од саботата во „Слободната зона“ во близина на  претседателската палата на Вучиќ, секојдневно одржуваат прес конференции и партиски активности во насока на објаснување на граѓаните на нивните барања и за дијалог со српскиот претседател.

Вучиќ синоќа на РТС говорејќи за дијалогот со опозицијата, рече дека опозицијата може да оди во Парламентот и таму да разговара, но дека не може да уценува.

– Како да се вклучам кога тие тоа не го сакаат, праша Вучиќ, додавајќи дека „ќе мора да се направат процедури во Парламентот што ќе гарантираат размена на различни ставови.

Во врска со можноста за избори во Србија, Вучиќ изјави дека „до редовните избори останати се уште десет месеци и дека е влезено во изборната година во која ќе има локални избори на сите нивоа заедно со парламентарните“, но не ја отфрли ни можноста овие избори да бидат одвоени.