СЗО: Дефинитивно не е крај на корона вирусот

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус оцени дека во моментот идеални се условите за појава на уште соеви од корона вирусот.
Тој денеска изјави дека би било опасно да се помисли дека исклучително заразниот омикрон сој е последен кој ќе се појави во светот и дека тој
ќе биде крај на пандемијата.
Но, Тедрос додаде дека е можно оваа година да дојде до крај на акутната фаза од пандемијата, каде ковидот претставува глобална здравствена ургентна закана, под услов стратегијата и помагалата како што се тестовите и вакцините да се искористат на вистинскиот начин, пренесе Ројтерс.
Зборувајќи на овторањето на состанокот на извршното тело, Тедрос обрна внимание дека омикрон е откриен пред речиси 10 недели, а дека од тогаш се забележани 80 мимлиони случаи во светот, повеќе отколку во цела 2020 година.
„Условите се идеални да се појават уште соеви“, додаде тој.
Истакна дека може да завршиме со Ковид-19 како глобална здравствена вонредна ситуација и дека тоа може да се случи годинава, така што ќе ги исполниме условите, односно 70 отсто вакцинација на населението на сите земји до средината на оваа година, а особено на оние кои се во најголем ризик од Ковид19 и да се подобри стапката на тестирање и секвенционирање за поблиску да се следи вирусот и неговите варијанти кои исчезнуваат, пренесе АП.
„Вистината е дека ќе живееме со Ковид-19 во догледна иднина и дека ќе мора да научиме да управуваме со него низ одржлив и интегриран систем на акутна респираторна болест за да помогнеме во подготовката за идните пандемии“, додаде Тедрос.
„Но учењето како да живееме со Ковид-19 не може да значи да го пуштиме вирусот слободно да циркулира. Тоа не може да значи да прифатиме повеќе од 50.000 смртни случаи неделно од болест која може да се спречи и да се лечи“, вели Тедрос.