СВР Тетово очекува зголемен интензитет на сообраќај, апелира возачите да ги почитуваат законските прописи


Фото: Б. Грданоски

 Со почетокот на јули, во поширокиот Полошки регион, подрачје кое административно го покрива СВР Тетово, се очекува повеќе сообраќај поради доаѓање на иселениците па сообраќајната полиција најавува и засилени активности за нормално одвивање на движењето со возила. Оттаму велат дека се преземени и превентивни мерки и овозможување на повеќе места за паркирање на возилата.

-Секторот за внатрешни работи Тетово, поради веќе дојдените иселеници и очекуваното зголемена фреквенцијата на сообраќајот, апелира до возачите да ги почитуваат правилата и законските прописи во сообраќајот за да се избегнат сериозни последици и застој во сообраќајот, да бидат свесни, да не ги паркираат нивните возила кај што ќе стигнат и да придонесат за нивната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, се вели во денешното соопштение на СВР Тетово.

Потсетуваат дека во соработка со локалните самоуправи веќе се отворени дворовите на неколку основни и средни училишта во централните градски подрачја.

-Тоа ќе овозможи паркирање на возилата и да се избегне двојното, односно паралелно паркирање, како и паркирање во зона на раскрсници, на тротоари, пешачки премини и слично. Возилата што го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот ќе бидат подигнати до општинските „пајак“ служби кои ќе бидат интензивирани активности  и со подолго работно време, соопшти СВР Тетово.

Над 2.500 мерки се изречени во минатите шест месеци во однос на непрописно и погрешно паркирање на возила, а со „пајак служба“ биле подигнати над 1.000 возила кои директно го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, додека за прекршителите се издадени соодветни платни налози и тие ќе се соочат со парични казни предвидени со закон.