Светското првенство во ракомет во Египет, сепак, без публика


Светското првенство во ракомет што ќе се одржи во Египет од 13 до 31 јануари, сепак ќе остане без публика.

Иако организаторите најавија дека ќе ги отворат вратите на салите за одреден број гледачи, тие ја сменија својата одлука само неколку дена пред почетокот на натпреварите.

Според првичниот план, салите требаше да бидат исполнети со 20 проценти од нивниот капацитет, но бидејќи епидемијата со корона вирусот не стивнува, гледачи сè уште нема да има.

Одлуката да се затворат салите за гледачи беше донесена во неделата на состанокот на кој присуствуваа египетскиот премиер Мостафа Мадбули, министерот за млади и спорт Ашреф Соби, претседателот на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) Хасан Мустафа и претседателот на Организацискиот комитет и Египетската ракометна федерација Хешам Наср.

На Светското првенство за прв пат ќе настапуваат 32 репрезентации, а натпреварите ќе се играат во четири сали. СП започнува на 13 јануари со натпреварот Египет – Чиле. 

Досега во Египет се пријавени околу 150.000 случаи на корона вирус, а починале 8.100 лица.