Светските цени на храната продолжија да растат: Растителните масла најскапи во последните 13 месеци
Светските цени на храната пораснаа во април втор месец по ред, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Во април е забележан благ месечен пораст на цените на месото, растителните масла и житариците, што повеќе од го компензира падот на цените на млечните производи и шеќерот.
Индексот на светските цени на храната, односно прехранбените производи, за април се зголеми од 118,8 во март на 119,1 поен, се наведува на веб-страницата на ФАО.
Вредноста на овој индекс е 7,4 отсто или за 9,6 поени пониска во однос на април 2023 година.
Во април, индексот на цените на месото се зголеми за 1,6 отсто на 116,3 поени, пред се поради повисоките цени на живината и говедското месо, а индексот на цените на растителните масла порасна за 0,3 отсто на 130,9 поени и сега е највисок во последните 13 месеци.
Индексот на цените на житото исто така порасна за скромни 0,3 отсто на 111,2 поени.
Наспроти ова, индексот на цените на млечните производи падна за 0,3 отсто на 123,7 поени, а на шеќерот за 4,4 отсто на 127,5 поени.
Падот на светските цени на шеќерот главно се должи на веста дека производството во Индија и Тајланд е поголемо од очекуваното.
Покрај тоа, значително количество врнежи беше забележано во Бразил на крајот на март по долг период на суша, па затоа одгледувачите на шеќерна трска во таа земја се пооптимисти за жетвата, се вели во извештајот.