Светскиот шампион повеќе не е милионер, намерно ги потрошил пари за да си ја спаси кариерата


Актуелниот светски шампион во снукер Лука Бресел вели дека потрошил поголем дел од своите пари и дека повеќе не е милионер, а сето тоа го направил за повторно да се мотивира.

Белгискиот ас, кој го шокираше Марк Селби на „Крусибл“ во мај за да ја освои својата прва светска титула, вели дека изгубил голем дел од мотивацијата откако стигнал до врвот и решил да направи нешто драстично за да ја спаси кариерата.

Тој намерно ја испразни својата банкарска сметка купувајќи Ферари, Ренџ Роверс и Порше во обид да го „запали огнот“ во себе.

„Оваа недела купив уште два автомобила, па од милионер станав немилионер“, откри 28-годишникот и додаде:

„Беше свесна одлука да купам автомобили и можеби повторно да го почувствувам тој притисок, да го рекреирам чувството што го имав кога првпат ја започнав кариерата“, призна Бресел.

Формата на белгискиот снукер играч драстично опадна по светската титула и тој е непрепознатлив оваа сезона, но Бресел инсистира дека има доволно време да се врати во форма.

Во меѓувреме, Бресел започна со летечки старт на овонеделниот шампионат на Обединетото Кралство со победата од 6-4 во првото коло над Јуан Сиџун.