Светски ден на театарот – сонувам како се будам

Македонскиот театарски, ТВ и филмски актер Емил Рубен (МНТ Скопје) е автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 март 2025.
Еве што напиша:
„Се будам, приоѓам до прозорецот, погледнувам – часовникот сеуште не работи. Поставен е на висок столб кај влезот во Паркот на улицата со историско име Булевар Илинден. Никој не го поправа, не го покренува еве веќе трета година. Дали стои и чека да стане главен протагонист во некоја театарска претстава па да раскажува за луѓето кои секојдневно се движат под него по Булеварот Илинден и влезот на Градскиот Парк.
Одам низ паркот и ги здогледувам дедото и внукот, внукот има три години. Мало дете а збори многу но не кон дедо му: збори, трча, вика, се смее, клекнува, слуша, одговара. Се доближувам и здогледувам пеперутка. Таа го напаѓа штотуку расцутениот цвет а детето го брани цветот и ја брка пеперутката подалеку. Двете верверички кои весело трчаат горе долу по дрвото запираат со играта, гледаат во детето и мавтаат со опавчињата. Сево ова го виде и гавранот па долета до детето. Детето му рече: а Гавро, убаво ја избркав пеперутката?! Гавранот штракна со клунот. Виде ли дедото театар создаден од неговиот тригодишен внук!
Одејќи по паркот наидов на мала дива депонија – расфрлено ѓубре, конзерви, шишиња, скинати весници, лушпи од семки, недојадени сендвичи… Еден човек се движи по ѓубрето. Зема конзерва, студиозно ја разгледува и ја става на страна, другата исто така. Зема шише, го гледа и си мисли – дали е испиено за жалост или за радост. Го става на страна, другото исто така. Весниците не ги тутка, прво ги разгледува па ги дипли правилно. Недојадениот сендвич прво ќе го баци па ќе го стави во ќесе. На секој отфрлен предмет човекот како да му го бараше минатото и спасувајќи го од немилосрдното дефинитивно уништување како да сакаше да му го продолжи животот. Театар ли гледам јас!
На човека му треба чист воздух. Во градот го нема премногу. Затоа се искачува кон врвот на планината, си мисли горе полесно се дише а и погледот допира подалеку. Од врвот се гледа целиот град како на дланка. – Ах кога би имал крила па да полетам, си помисли човекот. – Зошто не, во театарот велат СИТЕ СМЕ ПТИЦИ, еве ми крила. И полета човекот како птица. Лета, лета и вели КОЛКУ Е БЛИСКУ СОНЦЕТО.
А долу бучи градот – автомобили прегреани, луѓе разодени, зафатени, слободни, тажни, весели, деца растрчани, кучиња расшетани… Во миг јасно го здогледува младиот човек кој се симнува од својот велосипед, го остава, го зема старецот под рака и му помага да ја премине улицата, безбедно на пешачкиот премин.
А таму далеку, ене се гледа морето. Плови еден голем брод и прави огромни бранови, а тие, брановите, бргу стигаат до едно мало бротче и удираат со сета сила во него. Бротчето многу се занишува, мислиш ќе се распадне, ќе потоне, но не, ене го, го задржува правецот и си плови кон својата цел. Театар ли е ова, сон ли е!
27 март, мугри. Се уште не сум разбуден. Ја сонувам пеперутката, се вратила кај детето, врти околу него а потоа мирно му слетува на рамото.
Сонувам како човекот си ги изува чевлите и така бос, задоволно чекори по исчистената депонија.
Младиот човек се враќа по својот велосипед, го јавнува и почнува да ги врти педалите.
Малото бротче полека допловува до своето пристаниште.
Сонувам како се будам. Приоѓам до прозорецот и погледнувам – часовникот на Булеварот Илинден – работи. Сонувам ли, јаве ли е! Некој мајстор по име Театар го поправил!
Театарот е сон, театарот е живот. Театарот чува, чисти, лета, сонува, не’ разбудува.
Сакајте го театарот, сакајте го животот!