Светската криза со храна ќе се влошува – милиони луѓе соочени со глад

Милиони луѓе се соочуваат со глад додека војната се комбинира со финансиски и климатски шокови


 

Шестмесечните борби меѓу Русија и Украина – две земји земјоделски моќници – го доведоа глобалниот систем на храна во целосна катастрофа, оставајќи милиони луѓе соочени со глад.

Војната ја влошува кризата која веќе е поттикната од климатските промени, зголемените трошоци за живот и зголемувањето на цената на ѓубривата што ја создава најакутната глобална криза со храна во последните децении. Договорот со посредство на ОН за повторно отворање на Црното Море за бродови со храна можеби не е доволен за да им донесе олеснување на милиони луѓе кои настојуваат да дојдат до храна низ Африка, Азија и Блискиот Исток.

„Работам во овој сектор повеќе од 15 години и ова за мене е најлошата криза што сме ја виделе“, вели Карин Смалер, извршен директор на Центарот Шамба, тинк-тенк кој работи на ставање крај на глобалниот глад.

Хуманитарните агенции се трудат да се подготват за уште покритични нивоа на глад, бидејќи се соочуваат со годишен јаз од 14 милијарди евра во трошоците за безбедноста на храната, според извештајот за 2020 година на Церес 2030, исто така тинк-тенк. Војната на Москва во европската житница сериозно ги потресе светските пазари на храна, принудувајќи ги хуманитарните агенции да ги намалат оброците на храна во земји како Јемен. Триесет и шест земји се потпираат на Украина и Русија за повеќе од половина од нивниот увоз на пченица.

Специјална работна група на ОН за кризи набљудува повеќе од 60 земји кои се борат да платат за увоз на храна. Високите цени на енергијата и нестабилноста на пазарите на храна извршија дополнителен притисок врз земјите во развој кои немаат пари.

Како што се повеќе луѓе се гладни на глобално ниво, целта на ОН да се стави крај на гладот ​​до крајот на деценијата изгледа подалеку од кога било.

Сушата го зафати Рогот на Африка, оставајќи околу 26 милиони луѓе соочени со недостиг на храна во Кенија, Етиопија и Сомалија во следните шест месеци. Повеќе од 7 милиони грла добиток веќе се збришани. Во цела Источна Африка, околу 50 милиони луѓе се соочуваат со акутна несигурност за набавка на храна.

Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци, напиша на Твитер: „Глад што може да се спречи, му се заканува на регионот на Рогот на Африка“. Ова е „мега-кризата за која никој не зборува“, предупреди Егеланд.

Во Либан, исто така голем увозник на руска и украинска пченица, вистинската инфлација на храната изнесува 122 проценти. Инфлацијата на домашната цена на храната е висока во речиси сите земји со низок и среден приход, според Светската банка.

Тоа значи дека е тешко луѓето да си дозволат храна дури и на места каде што нема недостаток. Луѓето плаќаат повеќе за основните потреби насекаде, од Перу до Бурунди. Според Светската програма за храна, рекордно високо ниво од 49 милиони луѓе во 46 земји би можеле да западнат во глад или „услови слични на глад“ среде кризата со храна. Најпогодени земји се Етиопија, Нигерија, Јужен Судан, Авганистан, Сомалија и Јемен, каде има 750.000 луѓе кои се соочуваат со глад и смрт, од кои 400.000 се само во регионот Тигреј во Етиопија, каде што е во тек граѓанска војна.

Ниските девизни резерви го отежнуваа увозот на храна за Шри Ланка. Соборената влада се обиде да ја подобри кризата во платниот биланс со забрана на увоз на ѓубрива, што – заедно со целосна забрана за нивно користење – доведе до уништување на половина од родот на оризот во земјата.

„Домашното производство на храна драстично се намали во текот на изминатата година, недостигот на гориво го отежна производството, преработката, транспортот и малопродажбата, а увозот на храна и гориво е премногу скап“, рече Шалмали Гутал, извршен директор на тинк-тенкот Фокус.

Далеку од обична пловидба

Договорот меѓу Русија, Украина, Турција и ОН за рестартирање на извозот на храна од украинските пристаништа на Црното Море помогна донекаде да се олеснат пазарите. Цените на пченицата се намалија за 14,5 отсто меѓу јуни и јули, поттикнати од изгледите за извоз на околу 20 милиони тони жито заклучени во украинските силоси.

Но, договорот започна бавно и несигурно откако беше потпишан на 22 јули. Русија веднаш го погоди пристаништето Одеса со проектили, а Украина, иако е оптимист дека тоа ќе доведе до многу потребното финансиско олеснување за нејзините земјоделци, вели дека има само „мали шанси“ да успее.

Десетина бродови што досега се охрабрија да поминат низ поморскиот коридор, во голема мера беа оние што беа заглавени во Украина по избувнувањето на војната. Остануваат огромни предизвици да се обезбедат поголем број бродови, кои ќе носат помош во храна.

Дури и ако Украина и Русија извезуваат со полн капацитет, експертите се претпазливи дека договорот може лесно да биде поништен.

„Дали е доволно да се врати предвоениот статус кво? Не“, напишаа двајцата земјоделски економисти Џозеф Глаубер и Дејвид Лаборд во јули. „Една погрешна ракета може да ги натера осигурителните компании да го откажат осигурувањето“, напишаа тие.

Светот го задржува здивот

„Сè уште не е јасно дали Украина навистина може да успее да извезе сè што треба итно да се извезе“, рече Доминик Цилер, потпретседател на Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД), агенција на ОН.

„Сè уште се плашиме дека овој недостиг на основните намирници може да предизвикаат превирања на пазарите на суровини и повторно да доведат до поскапувања што пак ќе ги погодат најсиромашните во руралните области“, рече Цилер.

Горештини

Многу делови од светот се соочуваат со екстремни временски феномени делумно поради климатските промени. Екстремните горештини во Јужна Азија и САД, сушата во големи делови од Европа и Источна Африка и Кина, и поплавите во Кореја доведоа до уништување на големи пространства на земјоделски култури, што ја направи достапната храна поскапа.

„Во целина, глобалните залихи на житарки и маслодајни семиња се мали, а тоа е дел од приказната за инфлацијата на храната“, рече Робин Андерсон, која ја претставува земјоделската индустрија во Комитетот за светска безбедност на храната на ОН. Производство на пченица се предвидува да опадне во 2022 година, за прв пат по четири години.

„Потребно е земјоделствотото постојано да работи со пол капацитет на сите континенти, бидејќи климатските промени секогаш ќе значат дека некој се бори“, тврди Андерсон.

Растот на цената на ѓубривата, исто така, го поскапи одгледувањето храна. Еден официјален претставник на ОН предупреди дека кризата е „огромна“ и се заканува да ја продолжи кризата со глад доколку фармерите ширум светот користат помалку хемикалии за зголемување на приносите. Цената на вештачкото ѓубриво веќе беше висока и пред Русија да ја нападне Украина, но поради зависноста на индустријата од природен гас – кој така вртоглаво поскапе по војната – таа се зголеми уште повеќе.

„Зголемувањето на цените на ѓубривата и загриженоста за достапноста фрлаат сенка на идните жетви, и на тој начин ризикуваат да се задржат високите цени на храната подолг период“, велат од тинк-тенк ИФПРИ.

Се појавија низа меѓународни политички иницијативи за справување со кризата, вклучително и од Франција и Германија, но експертите веруваат дека тие нема да бидат ефекасни без голема инекција на готовина.

„Сите тие се навистина добри иницијативи. Не е јасно дали има дополнителни пари“, вели Смалер, од Центарот Шамба.

Светската програма за храна донираше 8 милијарди долари оваа година, но потребни се вкупно 22 милијарди долари.

Доколку се најдат пари, итната помош би можела да помогне да се спречат најголемите последици од кризата со глад оваа година, но експертите велат дека на светот му се потребни системски промени.

„Кога има криза, секогаш постои голема подготвеност да се даде итна помош, која нема да создаде одржлив развој, туку ќе ги спречи луѓето да умрат. Но, кога се работи за создавање отпорност, за финансирање на долгорочен развој, потешко е да се мобилизираат средства“, рече Цилер од ИФАД. (Политико)