Светска банка: Подобрата фискална дисциплина ќе помогне за справување со сè поголемиот долг
Северна Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на својата фискална состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците, се вели во новиот извештај со наслов: „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и поттикнување на отпорноста“ објавен денес од Групацијата Светска банка.
Во извештајот се нагласува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донесе задоволителни резултати. Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од споредбените земји од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од нејзиниот бруто домашен производ (БДП). Оттаму, потребни се поголеми напори за да се осигури дека Северна Македонија ќе остане на патот кон приближувањето до Европската Унија (ЕУ).
„За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно Северна Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија. „Обезбедувањето на цврсти макроекономски основи може да придонесе за одржлив економски развој и намалување на сиромаштијата додека Северна Македонија се приближува кон членство во ЕУ.“
Во согласност со Фискалната стратегија на Северна Македонија за периодот 2025 – 2029 година, во извештајот се вели дека има значителен потенцијал за подобрување на наплатата на даноците и за оптимизирање на расходите на јавниот сектор. Проценките на Светска банка укажуваат дека со спроведување мерки како што се намалување на ослободувањата од ДДВ, спроведување прогресивно оданочување на приходите и зголемување на даноците за животна средина и даноците на имот, даночните приходи би можеле да се зголемат за 3,5 процентни поени од БДП.
Според извештајот, со подобрување на наплатата на даноците и оптимизирање на расходите, Северна Македонија има можност да ги намали трошоците за задолжување и да распореди повеќе ресурси кон основните сектори клучни за нејзината иднина, како што се образованието и здравството.
Во извештајот се дадени низа препраки со цел насочување на земјата кон поодржлива фискална патека. Овие препораки опфаќаат конкретни мерки за зголемување на даночните приходи, реформи за подобрување на ефективноста на јавната администрација и напори за подобрување на ефикасноста на извршувањето на јавните услуги.
Групацијата Светска банка е партнер на Северна Македонија во разни проекти за финансирање и знаење со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, подобрување на ефективноста на даночната администрација и кои опфаќаат повеќе сектори, вклучувајќи ги образованието, социјалните услуги и земјоделството.