Светот во 2020: Коронавирус – пандемијата што го фрли светот на колена
По речиси една година од првиот случај на новиот коронавирус, преку 78 милиони заразени и еден милион и 720 илјади починати, светот се обидува да се подисправи и да застане на нозе.
„Новото нормално“ – маски, дистанца, карантини, локдауни…е новото секојдневие, новиот стил на живеење, кој го наметна вирусот Ковид-19.
Од Кина до Антарктикот, од еден до милиони заразени, сите надежи се во антиковид вакцините кои треба светот да го вратат во нормала, а „новото нормално“ да остане само белег на 2020 година.
На 22 јануари Кина воведе т.н. локдаун во градот Вухан и неговите 11 милиони луѓе, во обид да го контролира коронавирусот, со тогаш, официјален број на починати – 17 и над 500 лица заразени.
Само една недела подоцна, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи епидемија со вонредна состојба за меѓународно јавно здравје, а веќе на 11 март првиот човек на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус прогласи пандемија на коронавирус, со 121.564 случаи ширум светот и 4.373 смртни случаи.
Кон средината на март, американскиот претседател Доналд Трамп прогласи национална вонредна состојба и додели 50 милијарди долари за борба против коронавирусот, додека европските земји започнаа со воведување ограничувања на собири.
Европската унија објави 30-дневна забрана за влез во нејзините 26 земји за речиси сите патници, во обид да спречи ширење на коронавирусот, а американскиот претседател Трамп и канадскиот премиер Џастин Трудо се согласија да ја затворат границата меѓу САД и Канада, најдолгата во светот, за несуштински патувања, за да се спречи ширењето на Ковид-19.
Првото големо жариште на коронавирус во Европа се појави во Италија со 152 случаи и три смртни случаи, што предизвика итни мерки, локдаун во 10 градови во Ломбардија.
СЗО кон крајот на март соопшти дека пандемијата на коронавирус се зголемува, нагласувајќи дека за првите 100.000 случаи биле потребни 67 дена, за вторите – 11 дена, а за третите 100.000 случаи – само четири дена.
Тогаш американскиот експерт за инфективни болести, Ентони Фаучи предупреди дека САД може да забележат помеѓу 100.000 – 200.000 смртни случаи од Ковид-19.
Од друга страна, кинескиот врховен лидер Си Џинпинг ја опиша епидемијата на коронавирус во земјата како најголема кинеска здравствена криза од 1949.
Јапонскиот премиер, пак, Шинѕо Абе на почетокот на април објави вонредна состојба во седум префектури и пакет стимулации од речиси еден трилион американски долари.
Во исто време, Кина го укина карантинот за Вухан по76 дена, откако земјата по првпат не соопшти за нови смртни случаи.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео рече дека Кина е одговорна за ширењето и сериозноста на коронавирусот и дека треба да одговара за тоа.
На почетокот на мај државите во Европа почнуваат внимателно повторно да се отвораат по заклучувањето поради коронавирусот, Италија ги рестартира градежништвото и авио сообраќајот, Германија ги отвори училиштата.
Во тој период, потврдените случаи на коронавирус во светот достигнаа 3,65 милиони, а во САД надминаа 70.000, додека Велика Британија стана најпогодена во Европа со 29.427 смртни случаи.
Кон крајот на јуни бројот на починати од коронавирус во светот надмина 500.000, двојно зголемување за помалку од два месеца.
Сепак, летниот период заклучувањето (локдаун) воведено во Европа спаси 3 милиони животи, според студијата на Царскиот колеџ во Лондон. Веќе на 1 јули Европа ги отвори своите граници кон 15 безбедни земји по неколкумесечна блокада, со исклучок на САД, Бразил и Русија.
Тој период беше соопштено дека вакцината против Ковид-19, развиена од Универзитетот во Оксфорд, е во состојба да предизвика имунолошки одговор и антитела.
Но, и покрај таа вест, неколку дена подоцна шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека Ковид-19 е сигурно најтешката глобална здравствена кризна состојба со која СЗО се соочила.
ООН, пак, соопшти дека пандемијата на Ковид-19 создала најголемо нарушување во образованието во историјата што влијаело на речиси 1,6 милиони ученици во 190 земји или 94 отсто од светот.
На 10 август медиумите објавија дека бројот на заразени со коронавирус во светот надмина 20 милиони и се забрзува, посочувајќи на фактот дека за првите 10 милиони беа потребни речиси шест месеци, а за вторите 10 милиони само 43 дена. Веќе на крајот на месецот во светот имаше над 25 милиони лица заразени со коронавирус и 843.000 починати.
Бројот на починати од Ковид-19 од ден на ден драстично се менуваше, така што на почетокот на септември тој број во светот надмина 900.000, а најмногу смртни случаи имаше во САД -190.589.
Кон средината на септември СЗО објави најголем пораст на случаи на коронавирус во еден ден 307.930, за 24 часа во светот починати 5.500 лица, а вкупниот број на смртни случаи е 917.417. Веќе кон крајот на месецот бројот на смртни случаи од Ковид-19 во светот надмина еден милион и над 33 милиони позитивни случаи.
СЗО во октомври потврди дека Европа е во средина на вториот бран на Ковид-19 со случаи што рапидно растат, 30 проценти за една недела и раст на смртните случаи за 40 отсто.
Во ноември бројот на позитивни случаи на коронавирус во светот надмина 50 милиони, а бројот на смртни случаи се искачи на 1.245.240.
Вакцината е охрабрувачка порака која дава надеж за нормализирање на животот, на социјалните и економските активности.
Директорот на СЗО, Тедрос рече дека земјите што претставуваат две третини од светската популација се приклучиле на нејзината иницијатива за дистрибуција на вакцини преку Ковакс системот, за да испорачаат две милијарди дози до крајот на 2021 година.
Производителите на лекови „БиоНТек“ и „Фајзер“ соопштија дека нивната вакцина против коронавирус ќе биде над 90 отсто ефикасна, врз основа на резултатите од нивното испитување во три фази, во кое беа вклучени речиси 44.000 луѓе.
Американскиот производител на лекови „Модерна“, пак, соопшти дека нејзината вакцина против Ковид-19 е 94,5 отсто ефикасна, според првичните податоци.
„АстраЗенека“ е третиот производител на лекови што пријави ефикасна вакцина против коронавирус (62 отсто или 90 отсто ефекасна во зависност од тоа како се дава).
На 11 декември Американската ФДА ја одобри вакцината на „Фајзер/БиоНТек“ за итна употреба, а на 14 декември САД ја почна вакцинацијата, истиот ден кога регистрира над 300.000 смртни случаи.
Во Европа, на почетокот на декември Велика Британија стана првата западна земја што одобри вакцина против Ковид-19, вакцината на „Фајзер/БиоНТек“, а веќе на 8 декември почна со вакцинирање.
Русија, пак, започна да ги вакцинира луѓето со својата вакцина Спутник, и покрај тоа што вакцината не заврши со клинички испитувања. Претходно, рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Русија стана првата земја што дала регулаторно одобрување на вакцината против Ковид-19, наречена „Спутник V“, и покрај тоа што не се објавени научни податоци или испитувања од третата фаза.
Пандемијата на коронавирусот го зафати целиот свет, освен девет земји кои официјално не пријавиле случаи на Ковид-19. Земји без евидентирани случаи на коронавирус се Северна Кореја, Туркменистан, Самоа, Кирибати, Сојузните држави на Микронезија, Тонга, Палау, Тувалу и Науру.
За справување на владите со Ковид-19 е спроведена анкета во која се опфатени 75.000 испитаници од пошироката јавност и 750 од специјализирана публика од 105 земји. „Бренд фајнанс“, кој го спроведе истражувањето на „Глобал софт пауер индекс“ (Global Soft Power Index), соопшти дека Нов Зеланд се наоѓа на врвот на глобалното истражување во врска со одговорот на Владата против Ковид-19, додека САД се наоѓаат на дното.
Светските лидери оценија дека корона-кризата е без преседан што го смени светот.
Вo oваа корона – година, година на економски колапс, на социјална пропаст и психолошки немир, светот не смее да се дружи, не смее да се прегрнува, не смее да се поздравува. Светот не смее да се движи, светот се затвори за да се заштити.
Светот се надева дека „новото нормално“ во новата 2021 година ќе биде демоде. Светот се надева дека ќе ги тргне маските и ќе ја види насмевката како симбол за победата над коронавирусот.
Светот се надева дека повторно ќе се исправи и ќе застане на нозе!