Вучиќ го предложи Ѓуро Мацут, ендокринолог, за нов мандатар на српската влада

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва предложи мандатар за новата српска влада. Изборот е Ѓуро Мацут, лекар ендокринолог. Дипломорал, магистирал и докторирал во Белград, каде е и професор.
Според Н1, најтесните специјалности на Мацут се: репродуктивна ендокринологија: особено полицистични јајници и нивната улога на плодноста и метаболизмот, неуроендокринолоија и
метаболички болести ( дијабет и ендокрини основи за метаболитичките пореметувања).
Мацут е еден од најдобрите српски ендокринолози, пишуваат медиумите во Србија, но дел потсетуваат и на страната која ја зафати на тамошните студентски протести. Тој се појави и држеше предавања меѓу „студентите кои сакаат да учат“, односно кај групите кои почнаа контра-протести по оригиналните студентски протести.
Потребата за нов мандатар во Србија доаѓа откако претходниот премиер, Милош Вучевиќ, си поднесе оставка од функцијата на крајот на јануари. Парламентот ја констатираше неговата оставка на 19 март, со што падна и владата.Рокот за избор на нова влада е 18 април.
Претседателот Вучиќ изјави дека очекува владата да биде избрана и пред тоа и дека ќе и претстојат тешки задачи.
„Ќе биде голема задача новата влада да продолжи да го чува мирот, стабилноста, да се однесува толерантно и трпеливо“,рече Вучиќ, пренесе МИА.